Цветан Димов има по 100.000 возила дневно и итно ќе го направи со шест ленти, Ѓорѓиевски ги повика чаирчани масовно да гласаат

Макфакс

03/10/2025

14:07

196

Големина на фонт

а а а

Проширување на улицата Цветан Димов во Чаир ќе биде еден од првите проекти на Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, доколку биде избран. Денес на чаирчани им вети булеварско решение за улицата која е едно од најтесните сообраќајни грла на Скопје која место да се помине за пет минути, поради метежот од паркирани автомобили и пешаци, се вози по половина час.

„Првиот и најзначаен проект за оваа општина е изградбата на булеварот Цветан Димов. По години одлагање по изборите конечно ќе се почне со реализација на овој проект кој претставува главна сообраќајна артерија што го поврзува Чаир со центарот на главниот град. Денес на овој потег дневно се движат по околу 100.000 возила бидејќи тука минуваат возачи од Чаир, Бутел и Шуто Оризари. Три општини кои се силно зависни токму од овој булевар. Сообраќајниот метеж овде одамна го надмина прагот на издржливост, а воедно носи и големи безбедносни ризици. Согласно проектот од мојата програма за Скопје овој булевар ќе биде изграден со шест коловозни ленти, велосипедски патеки, тротоари, зеленило и современо осветлување со што ќе се реши хроничниот хаос, но уште поважно, ќе се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, рече Ѓорѓиевски.

Проектот за уредување на Цветан Димов објасни дека е дел од неговата стратегија „Визија нула несреќи“, преку која до 2030 година Скопје ќе редизајнира 50 критични улици и крстосници применувајќи европски стандарди за урбана безбедност.

Освен булеварот, Ѓорѓиевски најави и изградба на катна гаража.



„Паралелно со булеварот ќе почнеме и изградба на монтажна катна гаража кај трговскиот центар „Чаирчанка“ непосредно до нас. Со години наназад овој дел од градот се соочува со драматичен недостиг на паркинг места. Со новиот монатжен систем ќе добиеме решение кое е брзо, функционално и безбедно без дополнително оптоварување на јавниот простор како што е во моментов. Оваа гаража ќе понуди зголемен капацитет и уредено паркирање со што ќе се растовари околината и ќе се подобри квалитетот на животот во овој густо населен дел во Чаир“, рече Ѓорѓиевски.

Доколку биде избран за градоначалник Ѓорѓиевски рече дека овој проект ќе го почне веднаш по ребалансот на буџетот, што, пак, ќе му биде прва обврска во Град Скопје.

Проширувањето на Цветан Димов ќе го почне истовремено со пристапите за подземната сообраќајница на „Лимак“ како приоритети за кои веќе има проекти.

„Верувам дека граѓаните ќе ми дадат поддршка, не за да победам во првиот круг туку за да не губиме две до три недели, затоа ги повикувам граѓаните масовно, референдумски да излезат. Пред нас имаме зимски период во кој ќе мора за некои процеси веднаш да реагираме и да ги доведеме во нормална состојба“, повика Ѓорѓиевски.

Најавите за проширување на Цветан Димов не се ништо ново за чаирчани оти ги слушаат секои избори. По изборите во 2021 година дури имаше и обид да почне реализација на проектот, но кога дојде до фаза да се преговара за експропријација на голем дел од дуќаните кои треба да се урнат за да се прошири улицата активностите запреа, а Град Скопје под водство на Данела Арсовска ги пренамени предвидените средства за други проекти и долгови.

Последна инвестиција на Град Скопје на оваа улица, беше бетонската ограда поставена во мај 2021 година кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов. Бетонската ограда се покажа исклучително функционална оти, онаму каде што ја има, не може да се врти полукружно, а значително го намали и бројот на пешаци кои претрчуваа насекаде. Пешаци и сега има, но за да ја преминат улицата мора да ја прескокнат бетонска ограда. Арсовска, на почетокот на мандатот најави дека ќе ја вади, но проектот за проширување беше одложен, а оградата остана.