Шпанскиот фудбалски стратег, Пеп Гвардиола долги години успешно работи во премиерлигашот Манчестер Сити, клуб со кој ги освои сите можни трофеи, доминираше во Премиер лигата и сега се обидува да создаде нова генерација и добра основа, подлога пред да ја заврши приказната на „Итихад“.
Се очекува актуелниот договор кој му е со важност до 30 јуни 2027 година да биде негов последен како предводник на Сити и ќе биде интересно да се види што ќе се случи со Гвардиола откако ќе го затвори ова поглавје во кариерата.
Дали ќе се реши да прифати некој нов клупски ангажман или пак можеби ќе влезе во селекторските води…тоа се некои од опциите. Давид Силва добро го познава Пеп со кого имаа добра соработка во Сити, па тој се надева дека во иднина ќе го види сонародникот на клупата на шпанската репрезентација.
-Би сакал да го видам како селектор на Шпанија. Луис де ла Фуенте сега работи феноменално, но би било добро да го имаме Пеп во иднина. Тој би можел да донесе стил на фудбал базиран на добра контрола на топката и секогаш излегување на теренот со амбиција да се победи. Малку слично на филозофијата на сегашната шпанска репрезентација, -вели Силва.