Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, заедно со генералот Горанчо Котевски, носител на советничката листа за Град Скопје на движењето, денес го промовираа проектот „Сјајна Патека“ во Дебар Маало, иницијатива од младите активисти и љубители на Водно од Скопје.
„Водно не смее да згасне штом зајде сонцето. “Сјајна Патека” не е само инфраструктурен проект, туку визија за град што се грижи за младите, за спортистите, за семејствата, за секој граѓанин. Ова е проект со кој покажуваме дека знаеме да слушаме и знаеме да делуваме“ , рече Лабудовиќ.
Тој посочи дека недостатокот на осветлување претставува сериозен урбан предизвик кој директно влијае врз безбедноста, достапноста и квалитетот на јавниот простор.
„Луѓето го избегнуваат Водно по мрак. Тоа е изгубена можност за рекреација, за здрава навика, за споделено време со најблиските. Со овој проект сакаме да им го вратиме Водно на граѓаните, осветлено, безбедно и достапно“, рече тој.
Лабудовиќ појасни дека проектот предвидува инсталирање на енергетски ефикасни, автоматизирани светилки кои се прилагодуваат на природната средина, без да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата.
На настанот, генералот Котевски ја истакна важноста на проектот како и неговата заложба за создавање безбедни и инспирирани простори за граѓаните, нагласувајќи дека овој проект е симбол на нов, поодговорен пристап кон урбаното планирање и практична грижа за јавниот интерес.