Од трибината во Куманово, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска упати порака дека е време за промена и дека е време Куманово да добие нова енергија и вистинско раководство.
„Куманово заслужува многу повеќе. Време е да го поддржиме човекот кој има визија, искуство и искрена посветеност, Мартин Костовски,“ изјави Каранфилова-Пановска, истакнувајќи дека кандидатот на СДСМ е единствениот што нуди реални решенија за вистинските проблеми на граѓаните.
Таа потенцираше дека промената започнува со човек кој не е зад канцелариска маса, туку меѓу луѓето.
„Тој не е човек од канцеларија, тој е човек на народот. Чесен, вреден, посветен. Со него на чело, Куманово ќе оди напред, а не назад,“ порача Каранфилова-Пановска.
Во својот говор, се осврна на состојбата во општината под актуелното водство на Максим Димитриевски.
„Максим Димитриевски го претвори Куманово во касаба. Наместо развој, запуштени улици, нефункционални услуги, пропуштени можности. Ветувања имаше многу, резултати, нула. Сликите за социјални мрежи не можат да ја сокријат реалната слика на застој и разочараност,“ нагласи таа.
Заменик претседателката се обрати и до членови на ЗНАМ: „Драги Знамовци, вие не го изневеривте СДСМ, ЗНАМ ве изневери вас – вратете се дома“, рече таа.
Каранфилова-Пановска упати критики и до централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека нивното владеење е синоним за неспособност, корупција и назадување.
„Помина третина од нивниот мандат , и што добивме? 8 милијарди евра долг, поделби, блокади, младите си заминуваат, пензионерите едвај врзуваат крај со крај. Наместо решенија, кризи. Наместо развој , расипништво,“ рече Каранфилова-Пановска.