На Македонија се поизвесно е дека не и бега да побара „транзициски период“ од страна на Европската Унија за усогласување со европските практики за управување со отпадните води. Најголемите предизвици за државата остануваат во Поглавјето 27, односно во областа на управувањето со води и отпад. Акцискиот план за имплементација на Директивите за отпадни води и вода за пиење предвидува вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра и рок за имплементација до 2041 година.
Според информациите од Заводот за статистика, има пораст на третманот на отпадни води од јавни комунални мрежи за 2,8 пати од периодот 2001-2021 година, но темпото не е сјајно.
„Фактот дека поголем дел од изградената канализациска мрежа не води до современи колекторски системи, состојбата треба сериозно да нѐ загрижи, особено надлежните институции и единиците на локалната самоуправа…“, се потенцира во Индикаторскиот извештај за животна средина 2022 година.
Податоците велат дека вкупното количество непречистени отпадни води во 2022 година се зголемило за 19.6% во однос на претходната година. Најмногу непречистени отпадни води биле испуштени во подземни води, (44.3%), а најмногу пречистени отпадни води биле испуштени во водотеци (22.9%).
„Поголем дел од изградената канализациона мрежа не води кон модерен систем на канализација. Во ваков случај надлежните институции и локалната самоуправа мора да овозможат некои можности како да се справи со ова важно прашање“, пишува во Националната стратегија за води 2012-2042.
Во неа се додава дека трошоците за канализацијата и испуштањето на отпадните води се воедно и дел од сметката која се наплаќа за водоснабдување од страна на јавните комунални претпријатија, а таму каде што канализациските системи се обновени или новоизградени, собирањето и пренесувањето на отпадните води се врши ефикасно. Додека европските власти најавуваат дека ќе го помогнат решавањето на проблемот со дополнителни финансиски средства, постојат примери во кои се согледува дека и оние средства што се веќе на располагање можат да бидат вратени назад во европскиот буџет. Иако голем број општини се соочуваат со проблемот за третирање на отпадните води, веројатно најголем е предизвикот во третата општина по големина во државата – Битола. Дури за над 110 илјади граѓани се очекува конечно да профункционира пречистителна станица со нова канализациона мрежа, бидејќи реката Драгор претставува единствено канал за отпадните води.
На битолчани со години им беше ветуван крај на проблемот, кој освен што негативно влијае врз животната средина и здравјето, претставува и предизвик при поројни дождови. Низ годините постоеја неколку неуспешни тендери за реализација на двете фази од проектот за изградба на колекторски систем, канализациска мрежа и пречистителна станица. Последно, надлежните информираа дека е склучен договор со конзорциум за изградба на пречистителната станица. Сепак, иницијаторите потенцираа дека за проектот со пречистителната станица да биде целосен неопходно е паралелно да се работи и на канализациона мрежа, односно да се спроведе и Планот од Директивата за управување со отпадни води. Сепак, за изградбата на новаата канализација кај надлежните владее молк. Парите од европските фондови за оваа намена мора да се искористат до крајот на годинава, но надлежните се уште не го склучиле договорот за изградбата на канализацијата, иако тендерот е одамна завршен. Во меѓувреме, според податоците на Евростат, Македонија заедно со Косово и Србија продолжува да биде на дното од европските земји во однос на перформансите за справување со отпадните води.