Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Рашид Бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност амбасадор на Државата Катар.
Претседателот Гаши потенцираше дека особено ја цени улогата на парламентарната дипломатија, клучен механизам за продлабочување на билатералните односи, и затоа ја реафирмираше потребата од поблиска соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар.
Во текот на разговорот, Гаши го осудил неодамнешниот напад на Доха и истакнал дека оваа недозволива акција е кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Катар.
„Ваквите милитантни дејствија треба да бидат осудени од целиот демократски свет затоа што ризикуваат да ја ескалираат ситуацијата во регионот и да ги поткопаат напорите за постигнување на прекин на огнот во Газа“, рече Гаши.
Рашид Бин Саид Ал-Хајарин истакна дека во иднина очекува акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар да биде ставен на унапредување на економската соработка, како и зајакнување на парламентарната допломатија.
Двајцата соговорници искажаа големо задоволство од средбата и истакнаа дека очекуваат пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат.