Собраниска делегација во Меѓународна мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија

Макфакс

29/09/2025

10:36

112

Големина на фонт

а а а

Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шеф на Делегацијата; Никола Мицевски и Мимоза Муса, членови; како и Марија Петрушевска, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), учествуваат во Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија, што се одржуваат на 28 септември 2025 година.

Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од повеќе 100 парламентарци од 34 земји на ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на изборите во Кишињев и околината, Анени Нои, Балци, Басарабеаска, Комрат, Каушени, Леова, Орхеј, Сорока, Резина и др. Специјален координатор на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на изборите во Молдавија е Паула Кардозо, пратеничка од Португалија, а шеф на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ е Линеа Викман, пратеничка од Шведска. Мисијата на ПС на СЕ, предводена од Крис Саид, пратеник од Малта, брои 25 пратеници.

Набљудувачите на ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ тесно соработуваат со експертите и набљудувачите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР), на чело со шефицата на Мисијата Џилијан Стирк (Канада) и со Мисијата на Европскиот парламент, предводена од европратеникот Михаел Галер (Германија).

Во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на дводевни сеопфатни брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на изборите, со независни кандидати за пратеници, со шефот и долгорочните набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и со претставници на изборната администрација, на граѓанските организации, на медиумите, аналитичари и експерти.

Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија треба да процени дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кои вклучуваат, меѓу другото, слободно гласање, фер и слободна атмосфера на кампањата, еднаков пристап до медиумите и точно известување за резултатите. Наодите на набљудувачите ќе бидат анализирани и вклучени во Изјавата со првични наоди и заклучоци, која ќе биде претставена на Заедничката прес-конференција на Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Молдавија, што ќе се одржи на 29 септември 2025 година во Кишињев и ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).