Виетнам денеска ги затвори аеродромите и евакуираше илјадници луѓе во областите што потенцијално би можеле да бидат погодени од сè посилниот тајфун Буалој, кој се движи кон земјата од Филипините, каде што предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави.
Се очекува тајфунот со брзина на ветер од 133 километри на час да стигне до централниот дел од Виетнам во текот на денот, соопшти Виетнамската национална метеоролошка агенција.
„Ова е брзо движечка бура, речиси двојно поголема од просечната брзина, со висок интензитет и широка област на влијание. Способна е истовремено да предизвика повеќе природни катастрофи, вклучувајќи силни ветрови, обилни дождови, поплави, лизгање на земјиштето и крајбрежни поплави“, се вели во соопштението на метеоролошката агенција.
Властите во централната покраина Ха Тин започнаа со евакуација на повеќе од 15.000 луѓе, соопшти виетнамската Влада, додавајќи дека илјадници војници се во состојба на готовност за да му пружат помош на населението. Виетнам ги прекина операциите на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг, и ги прилагоди времињата на полетување на неколку авиони, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам. Обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три, соопшти виетнамската Влада.
Кинескиот град Сања во јужната островска покраина Хајнан е исто така ставен во состојба на зголемена готовност, бидејќи тајфунот Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се приближува кон јужниот дел од островот, соопшти кинеската покраинска метеоролошка опсерваторија.