Нов инцидент: Дронови со часови летале над најголемата данска база, министерот ги нарече „хибридни напади“

Точка

27/09/2025

12:23

378

Големина на фонт

а а а

Данската полиција денес потврди дека непознати дронови синоќа летале над најголемата воена база во земјата – Каруп, во централниот дел на Јитланд. Инцидентот, според полицијата, траел неколку часа.

„Не ги соборивме“

„Можам да потврдам дека имавме инцидент околу 20:15 часот кој траеше неколку часа. Еден до два дрона беа забележани надвор и над воздушната база“, изјави за АФП дежурниот полициски службеник Симон Скелкјер.

Тој додаде дека полицијата во моментов не може да каже од каде дошле дроновите, ниту кој ги управувал. „Не ги соборивме“, рече Скелкјер.

Серија слични инциденти, министерот ги нарече „хибридни напади“

Данските службеници, последниве недели серија вакви прелетувања над клучна инфраструктура и воени објекти, ги нарекуваат „хибридни напади“ и истакнуваат дека станува збор за сериозен безбедносен предизвик.


Каруп е најголемата воена база во Данска и важен оперативен центар на воздухопловните сили, па новите забележани дронови предизвикаа дополнителна загриженост за безбедноста на воздушниот простор.

Покрај Каруп, инциденти беа забележани и претходните денови над важни објекти во Олборг, Билунд, Есбјерг, Сенербор и воената база Скридструп, а особено загрижува фактот што се погодени локации на клучниот полуостров Јитланд.

Претходно затворен и главниот аеродром во Копенхаген

Главниот аеродром во Копенхаген, исто така, беше затворен на неколку часа претходно оваа недела поради забележување на неколку дронови, што данската премиерка го опиша како најсериозен напад врз инфраструктурата досега. Инцидентите предизвикаа пренасочување на цивилни летови – на пример, летови од Олборг беа вратени во Копенхаген и Каруп – а данскиот министер за одбрана и министерот за правда истакнуваат дека сè почестите и координирани упади со дронови се толкуваат како облик на хибриден напад, со кој се тестира одбранбената подготвеност и се шири страв на национално ниво.


Полициските и воените сили информираа дека дроновите се движеле наизглед координирано над воената база Скридструп, каде се стационирани борбените авиони F-16 и F-35, додека властите сè уште не можат да потврдат кој стои зад овие операции, ниту од каде доаѓаат леталата.

Русија ги отфрла обвинувањата, дел од политичарите во ЕУ не ја исклучуваат таа можност

Дел од европските службеници не ја исклучуваат можноста за поврзаност со руски актери, но засега нема официјални докази за тоа, а Кремљ ги отфрла сите обвинувања. Поради зачестеноста и комплексноста на нападите, Данска најави зајакнување на мерките за заштита, соработка со меѓународни партнери и забрзан развој на системи за неутрализирање на беспилотни летала.