Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Гавин Ферар, главен извршен директор на Централ Азија Металс (CAML) – британска компанија во чии состав е рудникот САСА од Македонска Каменица, како и со Џејмс Караматич, новоименуван генерален директор на Рудникот „САСА“.
Главна тема на средбата беа условите за работа, безбедноста на вработените и идните планови за развој на компанијата во согласност со националната стратегија за одржливо рударство.
Министерката Божиновска ги информираше соговорниците за новиот Закон за енергетика и за законските решенија кои се однесуваат на рударството, со акцент на:
• воведувањето на построги стандарди за заштита на животната средина,
• зголемување на транспарентноста во работењето на компаниите,
• поголема контрола врз безбедноста и здравјето при работа,
• како и обврската за инклузивен дијалог со локалната заедница.
„Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците,“ истакна министерката Божиновска.
Од своја страна, претставниците на компанијата ја поздравија законската иницијатива и изразија подготвеност за целосно усогласување со новите стандарди Тие нагласија дека, како дел од стратегијата за одржлив развој, во изминатите седум години во „САСА“ веќе е вложенo во современа рударската опрема, дигитализација, обука и професионален развој на вработените, воведување на најсовремени технологии и стандарди во производството и заштитата на животната средина, како и во подобрување на условите за работа и безбедноста, која е највисок приоритет.
Тие изразија подготвеност за поддршка на институционалниот дијалог кој треба да овозможи натамошен одржлив развој на рударскиот сектор во земјата, според најдобри практики и стандарди за одговорно рударство.