Претседателот на СДСМ, Венко Филипче од струмичкиот регион истакна дека само СДСМ е тој кој ќе може да се спротивстави на ВМРО–ДПМНЕ.
„Само ние сме организирана структура, која што сега треба да ги научи грешките од лани, за да излезе на терен и да покаже сила, и енергија, и волја, дека сме ние тука и сме подготвени да се бориме” рече Филипче.
На средбите со граѓаните во Ново Село, Василево и Босилово, Филипче посочи дека во ниту еден сектор нема никакви резултати, што е показател за погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
„Една работа да најдеме, нема. Во земјоделството? Ништо. Ниту поддршка, ниту зголемени субвенции. Плачат лозари, плачат сточари, производителите на оризот, тутунарите. Во здравството да не зборам. Во образование? Ништо. Какви плати, ги лажат луѓето – ќе биде до година. Работниците? Ништо. Даваме предлог за платите? Ништо. Цените до плафон. Не можат луѓето да живеат повеќе. За европското прашање да не збориме, рече Филипче.
Во периодот на СДСМ, како што кажа, немаше ниту една лоша политика, мерките се креираа за граѓаните.
„Ние немаме лоша политика во ниту еден сектор. Зашто сакате ќе збориме? 300% социјална помош, платите ги зголемивме, дуплирана минималната платата. Во здравство, во образование во стопанството, со цените имавме контрола, кризите ги пребродивме. Ние бевме тука за луѓето, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ не е за луѓето тука, не ги интересира“.