Руни за митот дека го мрази Роналдо: Повеќе ми се допаѓа фудбалскиот шмек на Меси

Дерби

25/09/2025

11:12

287

Големина на фонт

а а а

Вејн Руни во ексклузивниот разговор кој го имаше со поранешниот соиграч Рио Фердинанд откри детали за својот проблем со алкохолизмот, но за првпат после долго време даде изјава и за некогашниот колега од нападот, Кристијано Роналдо.

За разлика од најголем дел од соиграчите од Јунајтед, Руни е еден од оние кои сметаат дека Лионел Меси се подобар играч од Роналдо, а само поради таа изјава, се доби впечаток дека Англичанецот чувствува омраза кон напаѓачот кој се уште жари и пали во Саудиска Арабија.

Руни вели дека таквите заклучоци се целосно неточни, а во комуникацијата со Рио, се обиде да долови што навистина чувствува кон Португалецот.

– Луѓето мислат дека го мразам Роналдо, но јас навистина го сакам него. Тој е апсолутен гениј и тоа што го прави е неверојатно. Го сакам Кристијано, луѓето очигледно не можат да сфатат колку бевме блиски своевремено.

– Последните три години е најдобар голгетер во Саудиска Арабија и тоа говори се за него. Јас апсолутно го сакам и Меси, сакам да го гледам како игра и само поради тоа кажав дека тој е подобар. Сметам дека Меси има нешто повеќе со оглед на тоа како игра и како минува противници.

– Роналдо е убиец, а поради тоа што реков „Меси е подобар од Роналдо“, луѓето сметаат дека го кажувам тоа за да го обезвреднам. Мене само ми се допаѓа фудбалскиот шмек кој го има Меси, тоа е тоа. И покрај се, Кристијано е целосен гениј и тоа што го прави е неверојатно. Му симнувам капа, не можам да кажам ниту еден лош збор за него, – вели Руни.