Сиљановска-Давкова: Нашите соседи наместо да нè поддржат користат вето, крајно време е да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување

Макфакс

24/09/2025

17:22

384

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на годинашниот самит „Конкордија“, којшто секоја година се одржува паралелно со Генералното собрание на ОН.

Во обраќањето таа рече дека она што се ОН за светот, ЕУ е за Европа, мултилатерален проект со една врвна цел: мир на континентот и нагласи дека тоа се постигнува преку проширувањето врз основа на Kопенхашките критериуми: демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија. Додаде дека Европската Унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Според неа, проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции.

Претседателката посочи дека ние можеме да направиме сè што е потребно во економијата, реформите, но сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи и констатираше дека за разлика од Скандинавија која ги поддржа балтичките земји за ЕУ, нашите соседи често користат вето при приемот на нови членки.

„Оние соседи кои се членки на ЕУ сега се обидуваат повторно да отворат некои историски прашања поврзани со нацијата, јазикот, културата, па дури и со Европската Унија како тројански коњ за да си ги остварат овие интензивни желби. Велам дека ако регионот сака да стане членка на ЕУ, мора да бидеме свесни за регионалниот контекст.

Зошто? Затоа што мора да се поддржуваме едни со други, да се разбираме едни со други. Како можеме да очекуваме да бидеме разбрани од оние во ЕУ ако не сме подготвени да се поддржуваме едни со други?

Порача дека е крајно време да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, што неодамна го потенцираше и претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

Темите на Самитот ja опфаќаат глобалната економија и трговија; демократијата, безбедноста и геополитичкиот ризик; енергијата и транзицијата; здравствените можности и предизвици; човековите права и социјалниот напредок, како и иновативната технологија. Овој настан претставува еден од најзначајните форуми кадешто се собираат лидери од различни сектори: државници, бизнис елити, претставници на граѓанското општество и иноватори.