„Alibaba“ го претстави најмоќниот AI модел досега, најави дата-центри во Бразил, Франција и Холандија

Точка

24/09/2025

15:33

317

Големина на фонт

а а а

Кинеската е-трговска компанија „Alibaba“ во средата најави планови за отворање на своите први дата-центри во Бразил, Франција и Холандија, забрзувајќи ја својата глобална стратегија во областа на вештачката интелигенција. Во текот на наредната година ќе бидат отворени и центри во Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Дубаи, со што постоечката мрежа ќе се прошири од 91 оперативна зона на 29 светски региони, соопшти компанијата.

Оваа експанзија доаѓа во момент кога „Alibaba“ ја позиционира вештачката интелигенција, вклучувајќи ги и cloud-услугите, како клучен приоритет во бизнисот, заедно со традиционалните операции на е-трговија. Претходно оваа година, компанијата најави инвестиција од 380 милијарди јуани (53,40 милијарди долари) во инфраструктура поврзана со вештачка интелигенција во наредните три години, во услови на сè поинтензивна конкуренција меѓу кинеските технолошки компании во развојот на напредни AI капацитети.


На годишната конференција „Apsara“, извршниот директор на компанијата, Еди Ву, изјави дека „Alibaba“ дополнително ќе ги зголеми издвојувањата за AI, без да наведе конкретни износи. „Брзината на развој на AI-индустријата далеку ги надмина нашите очекувања, исто како и побарувачката за AI-инфраструктура,“ порача Ву.


Компанијата во таа прилика го претстави и својот најголем јазичен модел на вештачка интелигенција досега – „Qwen3-Max“, кој содржи повеќе од еден трилион параметри и покажува особена сила во генерирање код и автономни агентни способности, истакна техничкиот директор на „Alibaba Cloud“, Жоу Џингрен. За разлика од chatbot-овите како „ChatGPT“, ваквите системи можат самостојно да носат одлуки и да дејствуваат кон целта што ќе ја постави корисникот, со минимални човечки инструкции.

„Alibaba“ нагласи дека „Qwen3-Max“, според независни мерила како „Tau2-Bench“, ги надминал конкурентските производи, вклучувајќи го „Claude“ на компанијата „Anthropic“ и „DeepSeek-V3.1“ во одредени сегменти. Компанијата го објави претходниот модел „Qwen3“ во април.


Меѓу дополнителните AI-решенија претставени во средата се најдоа и „Qwen3-Omni“, мултимодален систем за апликации во виртуелна и проширена реалност, како паметни очила и интелигентни кокпити. „Alibaba“ исто така објави партнерство со „Nvidia“ со цел развој на физички AI капацитети, кои ќе ја опфаќаат синтезата и обработката на податоци, тренирање на модели, симулација на средини преку "reinforcement learning" и тестирање и валидација на моделите, пренесе „Reuters“.