Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Њујорк изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право и дека тие работат на тоа Европа да престане да купува нафта од Русија до крајот на годината.
Таа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека сака Европа да престане да купува руска нафта.
„Трамп е апсолутно во право. Работиме на тоа“, рече фон дер Лајен, пренесува Ројтерс.
За време на денешниот говор на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, Трамп истакна дека САД се подготвени да воведат серија царински тарифи за Русија доколку не се постигне договор за прекин на војната во Украина и ги обвини поединечните членки на НАТО за финансирање на руската војна во Украина со продолжување на купувањето руска нафта.
Трамп рече дека е потребно сите да усвојат исти мерки за да бидат ефикасни.
„Тие мора веднаш да ги сопрат сите купувања на енергија од Русија, во спротивно сите ќе губиме многу време“, рече Трамп, додавајќи дека ќе разговара со европските лидери за ова прашање оваа недела.
Претходно, Трамп постојано ги повикуваше европските земји да престанат да купуваат нафта од Русија, барајќи дополнителен притисок врз претседателот Владимир Путин да ја запре војната во Украина.
Според Блумберг, тој му предложил на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во НАТО, Метју Витакер, да го зголеми притисокот врз Европа.