Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.