Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата кои се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух

Макфакс

23/09/2025

12:04

192

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на новата грејна сезона, Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците на домаќинствата кои се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива, ќе се ќе разговара на денешната седница на Владата.

„Бидејќи гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима – уреди за топлински пумпи и субвенционирање на сметки за струја на социјално ранливи категории, на отприлика пет до десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства кои користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.

Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти кои користат фосилни горива, чија бројка е околу 500.

Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона ќе има активисти кои ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона која се поклопува со предизборниот период.

„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.

Според последниот попис на населението, во земјава има 349.402 домаќинства кои се греат на дрва и други фосилни горива.