Кога започнуваме ново хоби, обично очекуваме бавен напредок – недели или месеци вежба пред да дојде некаков успех. Но, еден маж од Велика Британија го прескокна тој процес: веќе на своето второ излегување со новиот детектор за метали пронајде – злато.
Неговиот посинок ја сподели неверојатната приказна на „Reddit“:
„Моите родители се преселија во Велика Британија пред околу четири месеци, а мојот очув реши да набави детектор за метали како хоби. Денес му беше вторпат (освен тестирањето дома) да го користи. Досега најдобриот наод беше монета од 1904 година … а потоа од земјата го извлече ова.“
Пронашол златен прстен – а тоа било само почеток
Откри златен прстен за кој експертите веруваат дека потекнува од саксонскиот период, веројатно „прстен за ракавица“ со оглед на неговата големина. Само неколку метри подалеку била пронајдена и златна глава од птица – што предизвикало сомнеж дека станува збор за намерно закопано богатство.
По откритието, локалитетот веднаш беше затворен, а археолозите започнаа со ископувања. Бидејќи станува збор за потенцијално вредни и историски значајни предмети, сè мора да мине низ официјална процедура. Според законот, вредноста ќе се подели меѓу среќниот пронаоѓач, лицето што ја нашло закопаната птица и сопственикот на земјиштето. „Вкупната вредност ќе биде поделена 1/4, 1/4 и 1/2“, навело семејството. Интересно е што во истата јама биле пронајдени и други предмети кои сè уште не се извадени, бидејќи ископувањето е стопирано додека археолозите не ја преземат работата.
„Ова е лудо откритие“
Веста на социјалните мрежи предизвика лавина реакции. Еден корисник коментираше: „Неверојатна е помислата дека ти си првиот кој ги допрел тие предмети по повеќе векови. Честитки за фантастичното откритие!“ Друг додаде: „Гледав доволно „Time Team“ за да знам колку е ова лудо откритие. Археолозите го поминуваат целиот свој живот копајќи и никогаш не наоѓаат нешто вака посебно.“
Се огласи и еден пензиониран археолог: „Наодите на твојот очув значително придонесуваат за археолошките и историските записи. Финансиски ќе помине добро, но уште поважно е што ова е непроценлив придонес за историјата.“
Она што започна како обично хоби брзо прерасна во историска сензација. Откривањето на саксонското злато потсетува дека под нашите нозе можеби се крие многу повеќе отколку што мислиме – а понекогаш е доволна малку љубопитност и еден детектор за метали за историјата повторно да излезе на виделина.