Вардариште е обезбедено, останува Дрисла, проблемот ќе биде саниран за недела дена, вели Мицкоски

Макфакс

12/09/2025

12:22

176

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјавата за промоција на изборната коалиција за претстојните локални избори, на новинарско прашање во однос на депониите Вардариште и Дрисла посочи дека се работи за подметнати пожари за кои веќе има приведени и осомничени лица, истакнувајќи дека е обезбедена градежна механизација која од денес таму ќе биде во функција.

„Апсолутно како Влада и како институции ги преземаме сите мерки да немате дилема, за Вардариште, знаете дека имаме веќе приведени и осомничени лица коишто ја користеле илегалната депонија Вардариште којашто постои повеќе од би рекол неколку децении, којашто е со габарит поголем од 20 хектари, за да произведуваат метали коишто потоа нелегално ги продаваат, тие лица се откриени, тие лица се приведени, од вчера има приватна Агенција за обезбедување здружено ангажирана од неколку општини. Истовремено како Влада и како институции, преку општествено одговорни компании обезбедивме градежна механизација, којашто веќе денеска ќе биде во полн состав таму. Вардариште би рекол е обезбедено, останува Дрисла“, вели Мицкоски.

Мицкоски кажа дека проблемот со Дрисла ќе биде саниран за недела дена, а воедно и дека Министерството за внатрешни работи ќе ги разгледува причините за повторното распламтување на пожарот после санација на истиот.

„Дрисла во текот на вчерашниот ден би рекол е речиси санирана, но од некои чудни причини при крајот на ноќта повторно се распламти и за тоа денеска ќе се позанимава Министерството за внатрешни работи. Имав разговор и со министерот, на линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, со овие општествено одговорни компании очекувам денес, утре, тој проблем да биде саниран. Тоа што со децении не е санирано, тоа што со децении никој не водел сметка, еве за неколку дена би рекол, за недела дена ќе успееме да го санираме, јас сочувствувам апсолутно со секој оној граѓанин којшто го чувствува сето ова“, укажа Мицкоски.

Тој наведе дека е чудно како може пожар кој што е смирен и ставен под целосна контрола повторно да се активира, потенцирајќи дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи, чудно е и тоа ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази како може пожар кој што беше речиси смирен, односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега, откако успешно се справивме со пожарите. Во околните држави имаше жртви, повредени, иселени градови и така натаму, а кај нас сето тоа беше цело лето успешно завршено и покрај диверзиите кои што ги имавме на почетокот на летото, наеднаш сега да се случува ова пред локалните избори. Вистинското прашање и вистинскиот одговор на тоа прашање, кому сето ова му одговара. Но, ние нема да се занимаваме сега. Сега работиме да го решиме проблемот, потоа ќе се занимаваме. И да знаете дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата “, рече Мицкоски.