Мицкоски се извини за Фетаи: Тој се труди да го учи и зборува македонскиот јазик, не го знае оти се иселил на шест години

Макфакс

11/09/2025

15:06

1.309

Големина на фонт

а а а

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот се уште го учи оти се иселил од државава на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и кажа дека „уште не е спремен на македонски“.

„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Влада на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее Белгија и говори течно четири јазици, француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам изминативе 15 месеци колку енергија вложува во тоа“, рече премиерот Мицкоски.


Тој денес се извини на новинарите за постапката на Фетаи и кажа дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик туку во ангажирањето преведувач.

„Единствената, по мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.

Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозициската СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.