Србија доживеа фијаско на Евробаскетот и како прв фаворит на турнирот не успеа да ја мине првата нокаут фаза, а поразот од Финска и ден денеска е доста актуелна тема во јавноста кај нашиот северен сосед.
Светислав Пешиќ ќе одлучува за својата иднина како селектор со водечките луѓе на кошаркарскиот сојуз на крајот на месец септември, но пред да дојде до тоа, сега мораше да излегува со демант на сторија која брзо стана топ вест во Србија.
Угледниот „Спортклуб“ се повика на свои веродостојни инсајдерски извори и откри неверојатни детали од низа случувања на Европското првенство, со кои се обиде да објасни како дојде до големо разочарување после одличното издание на Олимписките игри пред само една година.
„Спортклуб“ во својот текст откри дека Пешиќ за првпат се пожалил дека „ја загубил соблекувалната“ по повредата на капитенот Богдан Богдановиќ, но останал шокиран и од однесување на тројца репрезентативци еден ден подоцна.
Според извори на познатиот медиум, Марко Гудуриќ, Алекса Аврамовиќ и Огњен Добриќ сериозно го разултиле селекторот, кога наместо на шутерски тренинг, решиле да заминат на молитва во црква.
– Сум тренирал играчи од различни вери, ги познавам овие момци во душа и останав изненаден од тоа колку ова отишло предалеку. Наместо на тренинг, дел од мојот тим завршуваше во црква на молитва, – гласеше цитатот кој го пренесе „Спортклуб“, а за кој Пешиќ како селектор на репрезентацијата излезе со демант и жестока порака.
– Во врска со лагите кои се појавија на Спортклуб….. Генерално не коментирам за пишувањата на медиумите, но на барање на нашиот портпарол Нина Колунџија, објавувам дека ова се лаги и тоа што е напишано не припаѓа во мојот речник. За жал, при креирањето на јавно мислење во Србија, неуспешните аналитичари, стручни консултанти и твитер новинари, добиваат можност да создадат јавно мислење и покрај тоа што немаат капацитет, ниту одговорност, – гласи пораката на Пешиќ.
Селектор сениорске репрезентације Србије Светислав Пешић обратио се јавности поводом неистина у тексту...
Posted by Košarkaški savez Srbije on Thursday, September 11, 2025