Лапорт го доби спорот со ФИФА и го комплетираше враќање во Ла Лига

Дерби

12/09/2025

11:51

127

Големина на фонт

а а а

Ајмерик Лапорт доживеа голем шок во последниот ден од летниот преоден рок и мина низ голема неизвесност во изминатите десет дена, но после огромниот труд вложен од него и Атлетик Билбао како клуб, невозможната цел беше остварена.

Трансферот на Лапорт од Ал Наср во Атлетик Билбао беше означен за некомплетен поради тоа што документацијата пристигнала подоцна во информатичкиот систем на ФИФА задолжен за регистрирање на нови фудбалери, па иако се чинеше дека одлуката за стопирање на трансферот е дефинитивна, жалбата од фудбалерот и шпанскиот клуб вродија со плод.

Двете страни успеале да докажат дека договорите меѓу сите страни биле потпишани четири минути пред истекот на летниот преоден рок, па на крајот ФИФА попуштила и одобрила реализација на трансферот кој го посакуваа и навивачите на Атлетик.

Лапорт на овој начин се враќа во клубот во кој беше изграден како професионален фудбалер, а при пристигнувањето потпиша договор во времетраење до 2028-ма година.

– Навистина сум многу среќен што ова конечно се заврши, пристигнувањето во Атлетик беше единствената желба која ја имав и која сакав да се оствари. Многу сум среќен што повторно сум тука, пред нас е возбудлива сезона и едвај чекам да му помогнам на тимот, – изјави Лапорт.

Ајмерик остави зад себе не толку пријатно искуство во Саудиска Арабија, а после долго инсистирање, конечно успеа да најде излез и да си замине од Ал Наср.