На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.