Дојче Веле: Како германските производители на автомобили реагираат на Кинезите?

Точка

10/09/2025

21:28

3.105

Големина на фонт

а а а

Кина со сите сили се обидува да го освои европскиот пазар на автомобили. Германските производители се спротивставуваат на конкуренцијата од Далечниот Исток – и планираат да претстават атрактивна понуда на своите модели на саемот за автомобили „IAA“ во Минхен.

Во наредните денови, саемот во Минхен не е само дом на најновите модели на автомобили од целиот свет – многу се очекува од саемот „IAA“, кој започна вчера (9 септември). Особено германските производители на автомобили „влегуваат“ со големи надежи во саемските денови. На пример, ќе бидат претставени нови, ценовно попристапни електрични модели од германски производители. Надеж во тешки времиња, во кои рамнотежата на моќ во глобалната автомобилска индустрија се помести во корист на Кина.


Конкуренцијата од Далечниот Исток врши притисок врз германските производители на автомобили, а тоа може да се види и во саемските сали. Ниту една друга земја – освен Германија – не носи ниту приближно толку изложувачи на автосаемот како Кина.

„Приватните купувачи се изненадувачки конзервативни“

„Новите електрични автомобили од кинеските производители покриваат речиси секој пазарен сегмент, од многу мали и прифатливи модели до егзотични лимузини со високи перформанси“, изјави за Дојче Веле автомобилскиот експерт Кристоф Штирмер. „Меѓутоа приватните купувачи во Европа се изненадувачки конзервативни“, додаде тој.


Затоа, Кинезите би можеле да „влезат“ на европскиот пазар во голем стил, т.е. со голем број возила, само ако прво го „освојат“ пазарот на возни паркови – т.е. пазарот на службени автомобили – а потоа да успеат да ги (рас) продадат половните возила што ги враќаат деловните клиенти, рече Штирмер.

Поголем дострел, дигитални додатоци

Но, германските производители на автомобили сакаат да им се спротивстават на Кинезите. На пример, „Фолксваген“ сака наскоро да испорача четири нови, попристапни модели – почнувајќи од следната година – за нешто помалку од 25.000 евра. Премиум брендовите „Мерцедес“ и „БМВ“ исто така излегуваат со нови модели на електрични автомобили. Нови дизајни, поголем дострел и дигитални додатоци – сето ова има за цел да ги одврати купувачите од кинеските производители.



Штирмер го гледа ова како важно стратешко позиционирање за Европејците. „Мислам дека ќе го реорганизираат пазарот. Сите други ќе мора да се адаптираат на тоа“, нагласи тој.

Дискусијата за крајот на моторот со внатрешно согорување повторно се разгорува

Германските производители остануваат лидери на нивниот домашен пазар – но бројките од Федералната управа за моторни возила за новите регистрации покажуваат дека уделот на кинеските автомобили е приближно двојно зголемен во споредба со истиот период минатата година. Сè уште на многу ниско ниво, но сепак е двојно зголемен. Постои одредена динамика на пазарот, при што кинеските брендови исто така добиваат на сила низ цела Европа.

Во меѓувреме, најавениот крај на ерата на моторот со внатрешно согорување, т.е. автомобилите што користат фосилни горива, од 2035 година во Европската Унија повторно предизвикува дебата во политиката и индустријата.

Баварскиот премиер Маркус Зедер (CSU) сака да ја поддржи автомобилската индустрија и се стреми кон укинување на оваа забрана низ цела ЕУ. „Инженерите треба да одлучат за ова, а не бирократите“, рече шефот на баварската влада. Под бирократи, тој мисли на политичарите, a овие „бирократи“ претходно одлучија дека од 2035 година на пазарот нема да биде дозволено пласирање на нови бензин или дизел автомобили.


Владејачките социјалдемократи (СПД) не сакаат да се откажат од овој чекор, најавен за 2035 година – со цел, меѓу другото, да се обезбеди поголемо ниво на безбедност при планирањето за автомобилската индустрија во однос на идната технологија.

Претставници на еколошките организации го критикуваа разгорувањето на дискусијата за планираниот крај на дизел и бензински возила. Филип Прајн од организацијата „Agora Verkehrswende“ повикува на поголема поддршка од политиката во однос на постигнувањето на климатските цели: „На пример, програми за субвенции за помали електрични автомобили, стимулации за електрификација на флоти службени возила во компаниите и прашањето за цените на електричната енергија“.

Електрични автомобили и за Африка?

Сепак, производителите на автомобили „забавуваат“ со реализацијата на своите планови во врска со електричните автомобили. Електромобилноста сè уште не е економски исплатлива – производството е сè уште значително поскапо, првенствено поради батериите. Значи, производителите на автомобили сè уште се држат до моторите со внатрешно согорување. Тогаш, дали е тоа чекор наназад?


Мартин Брикнер од базата на податоци за суровини „Matflixx“ го гледа овој развој од две перспективи. Иако електричен мотор чија батерија се полни со електрична енергија од обновливи извори е навистина најприфатливиот вид погон, експертот за енергија вели дека од друга страна: „Постои цел голем свет, постои Африка, каде што нема да има електрификација во догледна иднина“, нагласи тој.

Затоа, тој верува дека ефикасните, економични мотори со внатрешно согорување и понатаму ќе бидат потребни во иднината. Гледајќи ги глобалните пазари, ова е вистинската економска одлука и за германската автомобилска индустрија, вели Брикнер. Одлука која, меѓутоа, би можела да доведе до тоа моторите со внатрешно согорување да останат на пазарот можеби подолго отколку што се очекуваше.