За само час и половина, Србија беше погодена од 3 земјотреси, од кои најсилниот беше 4,4 степени според Рихтеровата скала.
Денес, во 14:43 часот, земјотрес со магнитуда од 4,2 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во областа Голија, околу 20 километри источно од Сјеница. Според прелиминарните податоци, теоретскиот интензитет на епицентарот беше проценет на шестиот степен според Меркалиевата скала. Околу дваесет минути подоцна, следеше уште еден, послаб земјотрес со магнитуда од 2 степени, а помалку од час и половина по првиот, на истото место беше регистриран и трет земјотрес со магнитуда од 1,9 степени, пренесуваат медиумите во соседството.
Земјотресот беше почувствуван во Нови Пазар, Трстеник, Чачак, Краљево, Ужице, Крагуевац, Јагодина, Алексинац, Аранѓеловац, Ниш, Панчево, па дури и во Белград и во Скопско, според написите.
Првиот земјотрес е регистриран во планинскиот регион Голија, на половина пат помеѓу Рашка и Сјеница, поточно околу селото Црчево.
Републичкиот сеизмолошки завод објави дека во 14:43 часот е регистриран земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 3 километри во регионот Сјеница.
„Добро се затресе“, „Ормарите се тресеа“, „Се почувствува мало нишање на креветот“, пишуваат граѓани кои го почувствувале земјотресот.
Тие исто така известуваат дека земјотресот е почувствуван во Трстеник, Чачак, Краљево, Ужице, Крагуевац, Љиг, Јагодина, Алексинац, Аранѓеловац, Ниш, Панчево, па дури и во Белград и Скопје.
Граѓаните на Пријепоље и Нова Варош, исто така, го почувствуваа потресот, но засега нема информации за материјална штета или повредени. Експертите истакнуваат дека земјотресите со овој интензитет најчесто можат да предизвикаат помали штети на зградите во епицентралното подрачје, но тие не се невообичаени за овој регион.
„Се тресеше добро, навистина бевме исплашени бидејќи сè се тресеше за секунда“, изјави жител на Сјеница за агенцијата РИНА, опишувајќи го моментот на земјотресот.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата и апелираат до граѓаните да останат смирени. Во случај на посилни последователни потреси, се препорачува сите да се придржуваат до основните упатства за однесување за време на земјотрес – да бараат засолниште под цврст мебел, да се држат подалеку од стаклени површини и да избегнуваат користење лифтови.