Разводот, сам по себе, е тежок чекор – емоционално, но и финансиски. Во Македонија официјалното прекинување на брак носи трошоци што многумина не ги очекуваат, сè до моментот кога ќе се најдат пред судската врата.
Ана од Куманово раскажува дека ѝ требало повеќе од една година да собере храброст, а уште толку време за да собере пари.
„Знаев дека нема враќање, ама кога ми кажа адвокатката колку ќе ме чини… ми се смати. Немав ни за кирија тогаш, а требаше да платам и такси, и адвокат. Најпосле морав да позајмам. Срам ми беше, ама што ќе правиш…“
Основните судски трошоци се неколку стотини денари – околу 600 за поднесување барање. Но вистинската сметка доаѓа со адвокатите. За „согласен“ развод, каде сопружниците се договорени за сè, услугите се движат од 300 до 400 евра. Постапката завршува со едно рочиште, понекогаш дури и без него – судијата само формално го потврдува договорот.
Кога нема согласност, тогаш почнуваат компликациите. Ако има спор за старателство над децата, се вклучува Центар за социјална работа, се бараат извештаи и вештачења, што процесот го прави поскап и подолг. Во вакви случаи, адвокатските сметки достигнуваат и до 1.000 евра.
Ако пак во равенката се појави и заеднички имот – стан, куќа или земјиште – тогаш дополнително се плаќаат катастарски такси, нотарски услуги и уписи.
Во овие случаи, цената може да надмине и 1.500 евра, а постапката да трае со години.
„Секое дополнително барање носи нов трошок. Луѓето ретко се подготвени за тоа“ велат правниците.
За споредба – „согласен“ развод може да чини неколку стотини евра и да заврши за месец, додека „оспорен“ со имот и деца лесно може да чини десетпати повеќе и да се влече на суд со години.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.