Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска предупреди дека јавниот превоз во главниот град се наоѓа во состојба на целосен колапс, со што секојдневно се соочуваат десетици илјади граѓани, ова Шукова го разговараше со претставници на приватните превозници.
„Граѓаните се оставени без автобуски линии, особено во делови од градот како Маџари, Ново Лисиче, Сарај и Аеродром. Линиите се ретки, пренатрупани или воопшто ги нема, особено во ударните термини“, изјави Шукова.
На средбата се разговараше за најитните проблеми и можни краткорочни решенија за стабилизирање на јавниот превоз.
Во таа насока, Шукова истакна дека од Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје ќе побара да поднесе иницијатива за итна вонредна седница.
„Целта е јасна – да предложиме конкретни и законски можни мерки, кои нема да значат враќање на хаосот, туку враќање на функционален јавен превоз“, нагласи таа.
Во фокусот на иницијативата ќе бидат:Изменет возен ред со засилени критични линии; Редовно сервисирање на долговите кон приватните превозници од страна на ЈСП;
Засилена обврска на приватните превозници за покривање на најоптоварените линии во клучните периоди од денот.
Покрај краткорочните мерки, Шукова повика и на системски пристап:
„Нам ни треба јасен и отчетен план за стабилен јавен превоз. Тоа значи субвенции за набавка на нови, еколошки автобуси, поголема поддршка за превозот на ученици и студенти, решавање на недостигот од возачи, и нов модел на соработка со стручните училишта за обучување на автомеханичари“ истакна Шукова.
Шукова предупреди дека ако не се преземат итни мерки, ЈСП до крајот на 2025 ќе остане со едвај 60 функционални автобуси, што ќе значи крах на јавниот превоз во градот.
„Граѓаните не бараат чуда бараат јавен превоз што функционира. Јас и СДСМ тоа ќе го обезбедиме“, заклучи таа.