Француското Министерство за здравство дискретно им нареди на регионалните здравствени оддели да се подготват за „конфликт со висок интензитет“ до март 2026 година и да примат дури педесет илјади ранети, првенствено странски војници.
Непријателот е познат, иако не се споменува, a тоа е Русија. Друго упатство предвидува можност француските воени болници да ослободат простор за сместување на голем број ранети Французи, а истото го потврди министерката за труд и здравство, Катрин Вотрин.
„Министерството за здравство ги мобилизира болниците за војната“, објави списанието „Le Canard enchaîné“. Во статијата се објаснува дека болниците во Франција добиле упатство од Министерството за здравство, испратено на 18 јули до директорите на регионалните здравствени агенции (ARS).
„Според Катрин Вотрин, болниците мора да бидат подготвени да примат илјадници ранети војници во случај на голем вооружен конфликт во Европа. Претседателот Емануел Макрон повикува на прекин на војната во Украина, но дали навистина верува во тоа? Неговата влада, за секој случај, се вооружува за голем конфликт. За секој случај, се разбира“, пишува „Le Canard enchaîné“.
И Елисејската палата не исклучува конфликт со Путинова Русија, како што покажува упатството на Генералниот секретаријат за одбрана и национална безбедност, според кое Министерството за здравство планира да основа медицински центри за прием на пациенти кои се враќаат од воени зони. Овие центри треба да бидат лоцирани во близина на автобуски или железнички станици, пристаништа или аеродроми за да се олесни задачата за „пренасочување“ на странски војници „во нивните земји на потекло“. Споменатите медицински центри мора да имаат капацитет да лекуваат просечно околу 100 војници дневно во текот на два месеци континуирано и до 250 пациенти дневно во текот на тридневните (во просек) „врвови на активност“.
Вкупно, цивилните медицински установи мора да бидат подготвени да примат помеѓу 100.000 и 500.000 воени лица во период од „десет до 180 дена“, предвидува француското Министерство за здравство. Според документот, ова се однесува на „машката, млада и борбено подготвена група пациенти“ и се препорачува „посебно внимание да се посвети на третманот на посттрауматските ментални нарушувања и ориентацијата кон физикалната медицина и рехабилитацијата“. За да се справат со приливот на пациенти, на лекарите, „без оглед на нивната област на делување“, им е наредено да се приклучат на Здравствената служба на вооружените сили, зајакнувајќи го нејзиниот тим, кој моментално брои 14.000. Покрај тоа, на раководителите на АРС им е наредено навремено да ја информираат медицинската заедница за „ограничувањата во воено време, обележани со недостиг на ресурси, растечки потреби и други поврзани проблеми“.
Во друга доверлива директива, од 21 февруари, Министерството за здравство предвидува дека во случај на конфликт од големи размери, осум воени болници во Франција ќе мора да ослободат простор за сместување на ранети и инвалидни француски војници. „Во сегашниот меѓународен контекст, потребно е да се обезбедат услови за медицинска поддршка во ситуација на конфликт со висок интензитет“, објасни Министерството. Тоа потсетува дека Франција, како потписничка на Вашингтонскиот договор, „може да биде обврзана да преземе сите потребни мерки, вклучително и употреба на сила, како одговор на вооружен напад насочен против една или повеќе земји-членки на Северноатлантскиот сојуз (НАТО)“.
И покрај воениот сојуз, се забележува дека Франција нема намера да лекува странски пациенти бесплатно, затоа е потребно строго сметководство за да се обезбеди надомест на трошоците на институциите и медицинските работници мобилизирани за да им помогнат на армиите на странските земји и сојузниците, во согласност со меѓународните договори.
Во телевизиските интервјуа, француската министерка за здравство не го негираше откривањето на „Le Canard enchaîné“. Наместо тоа, таа објасни: „Ова е дел од превентивните мерки, како што се стратешките резерви или подготовката за епидемии. Не бев на оваа позиција за време на ковид-19, но, запомнете, нема доволно зборови за да се опише недостатокот на подготвеност на нашата земја. Сосема е нормално земјата да се подготвува за кризи, за последиците од она што се случува. Тоа е дел од одговорноста на централната влада“.
Веројатно за да не ги исплаши Французите, министерката Вотрин не го употреби терминот „војна“, туку помалку бруталниот збор „криза“, потсетуваат локалните медиуми.
Оваа директива од Министерството за здравство не се појави од никаде. Таа се вклопува во стратешкиот контекст дефиниран од борбите во Украина, затегнатите односи меѓу НАТО и Русија и неизвесноста околу европската безбедност. За Париз, интегрирањето на цивилните болници во одбранбениот систем значи подготовка на целата нација за долгорочен конфликт. Во пракса, ова значи дека војната повеќе не се гледа како апстракција, туку како реална можност. Болниците стануваат стратешка инфраструктура, рамноправна со воздухопловните бази или воените пристаништа. И ако здравствената заштита се подготвува за такво сценарио, тоа значи дека земјата сега сериозно ја разгледува можноста за голем конфликт на европска територија“, објасни специјализираниот воен веб-портал „Armees.com“.
Претседателот Макрон ги предупреди Французите во неколку наврати оваа година дека она што се случува во Украина од 24 февруари 2022 година може да се прошири во Европската Унија и НАТО во многу блиска иднина. Во говорот пред вооружените сили пред Денот на Бастилја во јули, Макрон ја праша „нацијата“: „Дали ние лично сме способни да издржиме војна со висок интензитет на европска почва во следните три или четири години? Војната во Украина покажува дека силата бара не само храброст, туку и резерви и приспособена одбранбена индустрија. Ни треба нација која самата може да се издржува, која може да се мобилизира. Затоа мора да ги забрзаме напорите за развој на резерви.“
Потоа, уште оваа есен, тој вети дека „ќе им даде на младите луѓе нови понуди за воена служба во други форми“ и потсети дека слободата и безбедноста мора да бидат „заштитени во Украина бидејќи нашата безбедност и нашата слобода се поврзани со судбината на оваа земја. Затоа Франција, заедно со Велика Британија, формираше коалиција подготвена да придонесе за обезбедување траен мир на нашиот континент“.
Франција не е првата, ниту единствената европска земја што ја подготвила својата инфраструктура и население за конфликт од големи размери, вклучително и на медицинско ниво. Земјите блиски до Русија – Литванија, Естонија, Латвија и Полска – исто така активно инвестираат во медицинска обука, спроведуваат вежби за евакуација и градат подземна болничка инфраструктура за да бидат подготвени за масовен прилив на ранети во случај на руски напад.