[ВИДЕО] Објавена снимка од американскиот напад врз венецуелски брод за дрога, при што загинаа 11 лица

Макфакс

03/09/2025

10:49

1.749

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека американските сили извршиле напад врз брод што превезувал дрога од Венецуела до САД, при што загинале 11 членови на бандата Трен де Арагва.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека нападот се случил во јужниот дел на Карипското Море, во меѓународни води, и дека бродот превезувал наркотици наменети за американскиот пазар. Тој ја придружи објавата со снимки од воздух на кои се гледа како глисер плови со голема брзина низ разбрането море пред да се запали.

„По моја наредба, американските воени сили утрово извршија напад врз идентификувани наркотерористи од Трена де Арагва во зоната на одговорност на SOUTHCOM. Резултатот беше убиени 11 терористи. Ниеден припадник на американската војска не беше повреден. Нека ова биде предупредување за секој што размислува да испорачува дрога во Соединетите Држави. Внимавајте!“, напиша Трамп.

Тој им рече на новинарите во Овалната соба дека американската војска „потопила брод со дрога во близина на Венецуела“. „Имало многу дрога на тој брод“, додаде тој, истакнувајќи дека бил информиран за операцијата од претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, објави на Икс дека „американската војска денес изврши смртоносен напад во јужниот дел на Карипското Море врз брод што отпловил од Венецуела и бил управуван од назначена наркотерористичка организација“.

Не е познато каква дрога носел бродот.