Макрон: Подготвени се безбедносните гаранции за Украина

Макфакс

03/09/2025

22:20

241

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека безбедносните гаранции за Украина се подготвени и дека тие ќе бидат потврдени утре на состанок во Париз од страна на „коалицијата на добронамерните“ што го поддржува Киев.

„Ние сме подготвени како Европејци да понудиме безбедносни гаранции на Украина и украинскиот народ на денот на потпишувањето на мировниот договор“, рече Макрон, како што објави Ројтерс. Тој исто така рече дека подготвителната работа за безбедносните гаранции за Украина е завршена.

Макрон го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз пред состанокот на лидерите на коалицијата на добронамерните.

Околу 30 лидери ќе учествуваат на самитот, на кој ќе се разговара за напредокот во дискусиите за безбедносните гаранции за Украина, кои се сметаат за неопходен предуслов за секој иден мировен договор, според нацрт-документ што го виде Ројтерс, а кој им беше доставен на учесниците.

Коалицијата составена од Франција и Велика Британија, со месеци води разговори за да се обиде да дефинира планови за тоа кои земји би можеле воено да ѝ помогнат на Украина за да ја одврати Русија од повторен напад кога ќе се постигне конечно примирје, според медиумот.