Божиновска: Отворена власт во пракса – Министерството за енергетика ги објавува сите договори

Макфакс

02/09/2025

14:46

108

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа владин тематски состанок за Партнерство за отворена власт на кој се говореше за напредокот и заложбите на институциите.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е координатор на заложбата 1.3 – Јавно објавување на склучените договори за концесии и за воспоставување јавно-приватно партнерство, како и активен учесник во заложбата 1.2 – Јавно објавување на вистински сопственици на фирмите што имаат склучено договори со државата.

„Енергетиката, рударството и минералните суровини се сектори од големо јавно значење кои го носат економскиот развој на државата. Нивното управување мора да биде транспарентно, отчетно и достапно за јавноста, затоа што успехот во овие области се гради и се дели со граѓаните – тој е од нив и за нив,“ изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Таа кажа дека е формирана работна група во рамки на Министерството која има задача да го реализира објавувањето на сите склучени договори за: концесии за експлоатација на минерални суровини и договори за детални геолошки истражувања.

Овие документи се јавно достапни на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk, овозможувајќи директен увид за граѓаните и граѓанските организации.

Во делот на јавно-приватното партнерство (ЈПП), Министерството веќе води Регистар на доделени договори. Овој регистар ќе се надгради согласно новиот Предлог-закон за ЈПП, преку воспоставување Единствен електронски систем за јавно-приватно партнерство кој ќе ги опфати сите фази на проектите – од планирање, до доделување, спроведување и завршување на договорите. Системот ќе биде директно поврзан со Националниот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН).