Муртезани во Данска: Копенхашките критериуми се јазикот на демократијата и нашата најсилна гаранција

Макфакс

02/09/2025

14:44

104

Големина на фонт

а а а

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на првата работна сесија од неформалниот Состанок на министрите за европски прашања што се одржува во Копенхаген, во рамките на Данското претседавање со Советот на Европската Унија. Сесијата беше посветена на значењето на Копенхашките критериуми и на постепената интеграција како инструмент за забрзување на процесот на проширување.

Во своето обраќање, министерот Муртезани подвлече дека патот на Северна Македонија кон Унијата не е техничка вежба на усогласување, туку стратешка неопходност за стабилноста и безбедноста на целиот континент. Тој потсети дека повеќе од две децении по ветувањето од Солун, европската перспектива на регионот не смее да остане недовршен проект, бидејќи секое ново одлагање не само што го поткопува кредибилитетот на Унијата, туку и ја ослабува нејзината стратешка улога во една крајно неизвесна геополитичка средина.

Муртезани нагласи дека Копенхашките критериуми мора да останат водилка на процесот и дека Северна Македонија е целосно посветена на нивната примена.

„За нас тие не се само услови, туку јазикот на демократијата и гаранција дека нашиот напредок ќе се мери според фер и објективни стандарди, а не според билатерални пречки кои не му припаѓаат на јадрото на европската идеја“, рече министерот Муртезани.

Тој се осврна и на концептот на постепена интеграција, оценувајќи дека таа не е замена за членство, туку мост кој ја чува веродостојноста на процесот додека не се заокружи со полноправно членство. Муртезани нагласи дека веќе се чувствуваат придобивките од оваа политика преку учеството на студентите во програмата Еразмус, пристапот до Единствената зона за плаќање во евра и растечката интеграција во единствениот пазар.

Но, тој посочи дека процесот мора да се продлабочи преку постепено вклучување во Европскиот семестар, во механизмите за владеење на правото, во агенциите и програмите на Унијата, како и преку посилна соработка во областа на заедничката безбедносна и одбранбена политика.

Муртезани исто така нагласи дека Северна Македонија настапува со доверба и со јасна определба дека иднината на регионот е во Европската Унија. Тој потенцираше дека процесот на проширување не треба да се гледа како формално проширување на граници, туку како завршување на европската целина, што ја прави Унијата посилна, постабилна и поотпорна.

Притоа, тој истакна дека европскиот пат на земјите од Западен Балкан е неразделив дел од безбедноста и кредибилитетот на континентот, а верноста кон Копенхашките критериуми останува најсилната гаранција дека тој пат ќе се движи во вистинската насока.