Руските научници соопштија дека откриле „хемиски коктел“ кој може да ги забави промените поврзани со стареењето на мозокот и да ги подобри функциите на овој орган во староста.
Научниците од Националниот истражувачки државен универзитет „Лобачевски“ во Нижни Новгород (ННСУ) користеле пристап базиран на концептот на делумно клеточно репрограмирање, што создало ефект на подмладување без ризици поврзани со целосно клеточно репрограмирање, вклучувајќи го и ризикот од развој на рак.
Истражувачите користеле „коктел“ од две хемиски соединенија – RepSox и транилципромин (TCP), а експериментот бил спроведен на постари женски глувци.
Животните добивале инјекции од лекот 30 дена, а потоа, експертите ги оценувале нивните невролошки индикатори, физичката состојба, здравјето на скелетот и општото здравје.
Истражувачите откриле дека животните покажале подобрување од 25% во невролошката функција, скелетот бил зачуван имале и зголемено снабдување со крв во церебралниот кортекс.
Според научниците од Универзитетот Лобачевски, комбинираната терапија покажала корисни ефекти врз системските процеси на стареење, но потребни се понатамошни истражувања за да се разјаснат точните молекуларни механизми и потенцијалните долгорочни несакани ефекти.
ННСУ наведува дека потрагата по соединенија способни да го забават стареењето (т.н. геропротектори) е една од клучните задачи на модерната наука и дека ефикасноста на таквите соединенија се оценува главно на клеточни култури или млади животни, пренесе РИА Новости.
„Истражувањата на организмите кои природно стареат речиси никогаш не се спроведуваат, бидејќи се многу тешки и скапи. Нашата задача беше да утврдиме како соединенијата кои, според научната литература можат да бидат геропротектори, делуваат врз телото на постаро животно“, рече Марија Ведунова, директорката на Институтот за биологија и биомедицина при ННСУ.