Раководството на Јувентус и натаму се обидува да обезбеди уште некое засилување за тренерот Игор Тудор, а додека траат преговорите за Рандал Коло Муани, италијанскиот тим почнал да размислува и за играч на Милан.
Досега „бјанконерите“ не беа поврзувани со Исмаел Бенасер, но директорите добиле препорака од Тудор и воспоставиле комуникација со агентите на Алжирецот.
Бенасер треба да му биде поддршка на Мануел Локатели во дефанзивниот дел на средниот ред, а Милан и досега не исклучуваше негова продажба, но само ако бидат исполнети условите поставени од клубот.
За Бенасер се интересира и Болоња, што значи дека Јувентус има директна конкуренција, но медиумите тврдат дека брзо ќе се знае дали клубот од Торино ќе тргне поофанзивно за овој играч или ќе ретерира по првичните информации околу условите.
Јувентус од почетокот на преодниот рок се обидува да се засили на оваа позиција, но досегашните опции беа поврзани со посериозни трансфер суми и ги откажаа „црно-белите“ од преземање конкретна акција.