[ВИДЕО/ФОТО] Апокалиптични сцени од Аризона: Голема песочна бура го проголта градот

Макфакс

26/08/2025

13:19

1.012

Големина на фонт

а а а

Огромен ѕид прашина, метеоролошки познат како хабуб, го зафати поширокото подрачје на Феникс доцна синоќа потопувајќи го градот во речиси целосен мрак со намалена видливост на нула.

Бурата од прашина бргу беше проследена со силни грмотевици оставајќи зад себе паднати дрвја, штети од ветер и широкораспространети прекини на електричната енергија. На аеродромот „Феникс Скај Харбор“ налети од 112 km/h уништија мост за качување, објави Си-ен-ен.

Националната метеоролошка служба во Феникс издаде предупредување за бура и грмотевици додека системот се движеше кон округот Марикопа. Службата ги предупреди возачите за опасно ниска видливост и ги повика жителите да се засолнат. Министерството за транспорт на Аризона го повтори предупредувањето велејќи дека видливоста на I-10 и I-17 е значително намалена поради бурата и поплавите на патиштата.

Повеќе од 60.000 клиенти во Аризона останаа без електрична енергија по бурата, при што повеќето прекини беа концентрирани во округот Марикопа. Меѓународниот аеродром „Феникс Скај Харбор“ го прекина целиот сообраќај околу еден час.

Во Гилберт, речиси 22 милји југоисточно од Феникс, полицијата пријави дека семафорите се исклучени и дрвјата се срушени во градот апелирајќи до жителите да избегнуваат патувања.

Песочните бури не се невообичаени за време на сезоната на монсуни во Аризона, но оваа беше особено моќна.

Метеоролозите велат дека сезоната на југозападни монсуни сè уште не е завршена, а со неа и екстремно високите температури. Областа Феникс има постојана шанса за грмотевици до среда по што се очекува времето да се смири.