УЈП ја унапредува соработката со даночните обврзници-воведени нови дигитални услуги

Макфакс

26/08/2025

16:06

160

Големина на фонт

а а а

Управата за јавни приходи, како што е соопштено, континуирано ја унапредува соработката со даночните обврзници и инвестира во современи услуги што се брзи, сигурни и достапни без физичко присуство.

Во февруари годинава, УЈП ја воведе новата дигитална услуга „е-Уверение за остварен доход“, која им овозможува на граѓаните целосно електронски, бесконтактно и преку сигурна постапка да го добијат овој документ. Од нејзиното воведување досега, за само неколку месеци, се издадени 5.688 уверенија, со што е заштедено значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП, а работата се одвива според најсовремени дигитални стандарди. Покрај тоа, значително е модернизирана и услугата за издавање на „Уверение за состојба на даноци“. Со автоматизација на внатрешните процеси, во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена, што претставува значително подобрување во споредба со претходниот период. Тоа значи дека 100% од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок, се истакнува во информацијата од УЈП.

Во следната фаза, како што е најавено, оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите. „Нашата цел е јасна – даночните услуги да бидат со висок стандард, брзи, едноставни и доверливи. Сакаме граѓаните и компаниите да добиваат квалитетна услуга со само неколку клика, без непотребни процедури и без губење време. Долгорочната и стратешка определба за трансформација на УЈП е создавање „нов лик“ и „нов амбиент“ – како за даночните обврзници, така и за даночните службеници и соработниците на даночната администрација. Овие резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат“, изјави директорката на УЈП.