Иако милиони актери сонуваа за улога во култната серија „Friends“, а главните протагонисти поминаа низ ригорозни аудиции, еден од нив имал уникатна привилегија – Дејвид Швимер, кој го оживеа ликот на Рос Гелер, ја добил улогата без ниту едно пробно снимање.
Своевремено, во интервју за водителот Хауард Стерн, актерот ја откри позадината на оваа неверојатна приказна.
На директното прашање дали е точно дека тој е единствениот член на актерската постава кој не морал на аудиција, Швимер кусо и јасно одговорил: „Точно е“.
Како што објаснил, клучниот момент се случил една година пред „Friends“ воопшто да станат идеја. Швимер бил на аудиција кај истите продуценти за друга серија – пилот-епизода за каналот „ABC“ со наслов „Couples“ („Парови“).
„Дојдов, ја одработив аудицијата и имав пробно снимање со уште двајца актери. На крајот, мојот близок пријател Џони Силверман ја доби таа улога“, раскажал Швимер.
Иако таа серија никогаш не заживеала и пилот-епизодата била отфрлена, впечатокот што Швимер го оставил на креаторите бил толку силен што не го заборавиле. Година подоцна, кога го пишувале сценариото за новата серија за шестмина пријатели во Њујорк, имале само една личност на ум за ликот на палеонтологот Рос Гелер.
„Го запаметија моето пробно снимање и, претпоставувам, мојот глас. Ми рекоа дека ја напишале улогата на Рос имајќи го мојот глас на ум“, заклучил Швимер.