Александер Исак бојкотира веќе некое време и одбива да тренира со своите соиграчи од првиот тим, сето тоа како последица на барањето кое засега не му е исполнето од страна на Њукасл.
Клубот од северот на Англија засега се одбрани од сите налети на Ливерпул за ангажман на нивниот најдобар голгетер, но односот на самиот Исак дополнително ја комплицира ситуацијата, односно ја прави неподнослива за соиграчите и менаџерот Еди Хау.
Алатките кои ги избра Исак за да изнуди трансфер разбесни голем дел од навивачката база на Њукасл, но и неутралните фудбалски фанови од кои еден е и Вејн Руни.
– Фактот што тој одбива да тренира со тимот, ми вели дека не би се вратил дури и да не направи трансфер. Очигледно е дека добива многу лоши совети. Може да побарате трансфер, но за се има свој начин. Исто така, Ливерпул треба да се запраша дали му треба играч кој се однесува вака кон клубот со кој има тригодишен договор.
– Очигледно е подготвен да го напушти својот клуб и соиграчите по секоја цена. Знам дека има добра шанса за трансфер, но тоа треба да го направите на правилниот начин. Тој прави погрешни чекори од самиот старт, го велам ова, бидејќи и јас бев во слична ситуација. И јас побарав трансфер од Јунајтед, но никогаш не одбив да тренирам. Замислете каков е гневот кога одбива да игра некој што има над 100 илјади фунти неделна плата. Можете да замислите за каков бес станува збор, едноставно не може да го правите тоа кога имате тригодишен договор со клубот, – изјави Руни во гостувањето во „Би-Би-Си“.