На страницата „Грција инфо“ на социјалните мрежи е објавено предупредување за сите што моментално уживаат на „Златната плажа“ („Golden Beach“) на островот Тасос.
Во објавата со видео, се предупредуваат родителите и сите што ја посетуваат „Златната плажа“, на грчки позната како „Хриси амудија“ дека вчера и денес на плажата било истакнато портокалово знаме, што значи претпазливост поради брановите, но не и целосна забрана за пливање. Струјата е силна, брановите се постојани и изгледаат безопасно сè додека не влезете во длабокото, се вели во предупредувањето.
„Утрово еден господин, стар околу педесет години, беше изнесен на брегот. Околу него имаше спасувачи и луѓе кои му помагаа. Видов дека се движи и дека е жив, но не можеше да стане. Го однесе брза помош“, се вели во објавата.
Понатаму беше објаснето дека ова не е изолиран случај.
„Само 2-3 часа подоцна, еден пар едвај успеа да се извлече благодарение на пријателите кои веднаш ги забележаа од брегот и истрчаа да помогнат. Држеа голем душек за пливање, а не беа свесни дека тоа им предизвикува дополнителни проблеми и им го отежнува движењето во овие бранови“, се наведува во објавата.
Бидете исклучително внимателни ако одлучите да пливате.
„Струјата може да ве повлече дури и во плитка вода, а брановите можат да ве држат на место и да ве изморат побрзо отколку што мислите. Не потпирајте се на помагала за пливање како што се големи гумени душеци, бидејќи тие можат да станат стапица во овие услови“, пишува во објавата.
„Грижете се за себе и за вашите деца. И не сметајте на тоа дека некој секогаш ќе може да ви помогне – во вакви ситуации, секундите се важни“, се вели во предупредувањето.