Новиот електричен "SUV", „Xiaomi SU7“, лансиран пред само неколку месеци, постигна толкав успех што компанијата едноставно не може да ја исполни побарувачката. Листите на чекање се толку долги што основачот и извршен директор на компанијата, Леј Џун, почна на потенцијалните купувачи да им препорачува да размислат и за конкурентски модели, пишува „Carscoops“.
„Xiaomi“ во јуни го претстави својот ривал на „Tesla Model Y“, а во првите 18 часа доби неверојатни 240.000 нарачки. Поради ваквата побарувачка, новите купувачи се информирани дека за испорака на своето возило ќе треба да чекаат во просек од 56 до 59 недели. Иако многумина се подготвени да чекаат, сè поголем е бројот на оние кои стануваат нетрпеливи и јавно се жалат на долгите доцнења.
Директорот ја пренасочува побарувачката
Реагирајќи на сè поголемиот број поплаки на социјалните мрежи, Леј Џун порача до купувачите на кои им е итно потребен автомобил дека би било паметно да разгледаат и други електрични возила произведени во Кина. „Ако треба брзо да купите автомобил, другите нови енергетски возила произведени во Кина се навистина добри“, напиша тој. Меѓу препораките на Џун се најдоа „Xpeng G7“, „Li Auto i8“ и, изненадувачки, токму „Tesla Model Y“ – моделот кон кој "SU7" директно е насочен.
Очигледно е дека на Џун не му пречи можноста купувачите да изберат производ на Илон Маск. „Model Y е одличен автомобил, а ’Tesla‘ вчера најави и низа промоции, па можеби вреди да го разгледате“, се пошегува тој.
Зошто е толку популарен?
Огромната побарувачка за моделот "SU7" е разбирлива имајќи го предвид атрактивниот дизајн, богатата опрема и исклучително конкурентната цена. Почетната, „Standard“ варијанта, чини 253.500 јуани (околу 32.900 евра) и доаѓа со 800-волтна архитектура која овозможува полнење до 80% капацитет за само 13 минути. Со едно полнење може да помине 835 километри, а го движи еден мотор со моќност од 315 коњски сили.
За оние кои бараат повеќе перформанси, „Xiaomi“ нуди уште две посилни верзии. Моделот „Pro“, по цена од 279.900 јуани (околу 36.300 евра), е опремен со два мотори со вкупна моќност од 489 коњски сили. Врвот на понудата е верзијата „Max“, која комбинира NMC батерија од 101,7 kWh со 681 коњски сили. И покрај импресивните спецификации, цената останува конкурентна – 329.900 јуани, односно околу 42.800 евра.
Моментално, електричните автомобили на „Xiaomi“ се достапни исклучиво во Кина, но компанијата веќе се подготвува за глобално проширување. Кога тоа ќе се случи, ќе влезе на многу поширок пазар, директно конкурирајќи на „Tesla“ и на другите големи производители на автомобили на меѓународната сцена.