Ханси Флик ја одработи прес-конференцијата во пресрет на премиерниот меч кој ќе го има Барселона во новата сезона во Ла Лига, натпреварување во кое ја брани титулата од минатата кампања.
Германскиот стручњак сè уште не знае дали навреме ќе бидат регистрирани Жоан Гарсија и Маркус Рашфорд за утрешниот меч, но за време на обраќањето, се осврна и на темата која дојде како огромен шок пред само една недела.
Ињиго Мартинез експресно ги спакува куферите и си замина од Барселона, сето тоа за да прифати финансиска понуда која едноставно не се одбива (Ал Наср).
– Веќе ја коментирав оваа тема и ќе го направам тоа повторно. Се враќавме од Јужна Кореја кога дознав за што се работи. Се враќавме во Барселона и тоа беше вистинско изненадување за мене.
– Не бев радосен бидејќи станува збор за многу важен играч со неверојатен карактер, тој беше играч кој им помагаше на сите останати во соблекувалната. Чест ми е што го тренирав, беше извонреден како играч и како личност. На крајот, ја сфаќам неговата одлука и му посакувам се најдобро за иднина, – изјави Флик.