Светско првенство или грабеж? Откриени астрономски цени за градски превоз за време на Мундијалот

Точка

16/04/2026

19:34

307

Големина на фонт

а а а

По веќе високите цени на билетите за Светското првенство во фудбал (11 јуни – 19 јули), вртоглавиот раст на цените за јавниот превоз до одредени стадиони во Соединетите Држави предизвика сериозно незадоволство кај навивачите, чии буџети за турнирот нагло се зголемуваат.

Во Бостон, локалната транспортна управа објави дека повратното патување меѓу железничката станица и стадионот Фоксборо, оддалечен 25 километри, ќе чини 80 долари. Тоа е речиси десет пати повеќе од вообичаената цена (8,75 долари) и четири пати повеќе од билет за НФЛ натпревар или концерт на стадионот Жилет, кој изнесува околу 20 долари.

Локалниот организациски комитет исто така соопшти дека повратното патување со експресен автобус, резервиран за сопственици на билети, ќе чини 95 долари.

Според пишувањето на „The Athletic“, транспортната управа на Њу Џерси планира да наплаќа повеќе од 100 долари, во споредба со вообичаените 12,90 долари, за повратна релација меѓу Менхетен и стадионот МетЛајф, кој ќе биде домаќин на осум натпревари од Светското првенство, вклучувајќи го и финалето на 19 јули.


Француската репрезентација ќе одигра два од своите три натпревари од групата I токму во Бостон и Њу Џерси.

„На претходните турнири превозот беше вклучен или понуден по ниска цена за сопствениците на билети“, изјави за АФП Гијом Опретр, портпарол на навивачката група Irrésistibles Français (IF), главната навивачка група на „Триколорите“, со речиси 2500 членови.

И Здружението на фудбалски навивачи (FSA) ја осуди ситуацијата, оценувајќи ја како измама.


Англија, која е во групата L, исто така ќе игра по еден натпревар во Бостон и Њу Џерси. Хрватската репрезентација ќе игра во Далас против Англија на 17 јуни, потоа во Торонто против Панама на 24 јуни и во Филаделфија против Гана на 28 јуни.

ФИФА, која не реагираше веднаш, веќе се соочува со сериозни критики поради високите цени на билетите за натпреварите, кои на официјалните платформи за препродажба достигнуваат и неколку илјади долари.

Демократскиот сенатор Чак Шумер од Њујорк изјави дека ФИФА, „која ова лето се очекува да заработи речиси 11 милијарди долари од Светското првенство“, треба „барем да обезбеди локалното население да може да оди на стадион без да биде ограбено на влез“.


Според американските медиуми, трошоците за функционирање на јавниот превоз за осум натпревари на стадионот ќе изнесуваат околу 48 милиони долари, особено поради зголемените безбедносни барања.

Единаесетте градови домаќини во САД добија 100 милиони долари од американското Министерство за транспорт (FTA), врз основа на големината на стадионите и бројот на натпревари, со цел подобрување на транспортните системи и инфраструктурата.

Масачусетс доби 8,7 милиони долари, додека регионот Њујорк/Њу Џерси доби 10,4 милиони долари, пренесуваат локалните медиуми.

Во Лос Анџелес, локалната транспортна управа LA Metro доби 9,6 милиони долари. Во март увери дека стандардните цени за превоз до стадионот СоФи (3,50 долари за повратен билет) нема да се зголемуваат за време на осумте натпревари од Светското првенство.