Зајаци со бизарни „рогови“ ги шокираа жителите, но научниците објаснија дека нема причина за паника.
Последниве денови, појавата на зајаци со необични израстоци на главата предизвика големо внимание. Иако изгледаат чудно и застрашувачки, експертите велат дека станува збор за релативно чест вирус кај овие животни.
Зајаците забележани во сојузната држава Колорадо се заразени со претежно безопасниот „Shope“ папилома вирус, кој предизвикува брадавичести израстоци што можат да наликуваат на рогови кои метастазираат.
Болеста е позната речиси еден век
Фотографиите што се проширија на социјалните мрежи предизвикаа низа подбивни прекари, како „Франкенштајн зајаци“, „зајаци демони“ и „зомби зајаци“. Сепак, оваа болест не е нова.
Вирусот е именуван по д-р Ричард Е. Шоуп, професор на „Rockefeller University“, кој ја открил кај зајаци уште во 1930-тите години, пишува „NBC News“.
Кара Ван Хус, портпаролка на Одделот за паркови и диви животни на Колорадо, изјави во средата дека нивната агенција добива повици во врска со овие зајаци.
🚨 WARNING: “Frankenstein” rabbits with black, spike-like growths on their heads are spreading across the US.
— Wienerdogwifi (@wienerdogwifi) August 13, 2025
Experts say it’s a viral infection and warn: Do NOT touch them. pic.twitter.com/HOsKuvbC6s
Како исчезнуваат израстоците
Таа додаде дека не е невообичаено да се сретнат заразени зајаци, особено во лето, кога болеста најчесто се шири преку болви и крлежи. Вирусот се пренесува од зајак на зајак, но не и на други видови – вклучително и на луѓето и домашните миленици.
Израстоците наликуваат на брадавици, но доколку израснат подолго, можат да личат на рогови. Тие не му штетат на животното, освен ако не се појават околу очите или устата и не му го отежнат јадењето.
Имунолошкиот систем на зајакот самостојно може да го совлада вирусот, а кога тоа ќе се случи – израстоците целосно исчезнуваат.