Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и државниот секретар Фатмир Сабриу, го одбележаа Меѓународниот ден на младите – 12 Август, со доделување на плакети за младинско учество. Настанот беше организиран во соработка со Националниот младински совет на Македонија и поддршка на ОБСЕ.
Министерот Лимани честитајќи го Меѓународниот ден на младите, го истакна значењето на младите во општеството, како двигатели на промените.
„Денес стоиме овде не само за да го одбележиме овој значаен ден, туку и за да го прославиме гласот, потенцијалот и визијата што младите луѓе ја носат за иднината на нашата земја. Младите не се само иднината – тие се нашата сегашност, носители на промените, инспирација за иновација и гласот што нè потсетува колку е важно да се креира праведно и инклузивно општество,“ порача Лимани.
„И токму денешниот настан – доделувањето на Наградата за младинско учество – нека биде симбол на почит и признание за сите млади кои не се пасивни набљудувачи, туку активни граѓани. Младите кои се борат, организираат, предлагаат, иницираат. Младите кои не ја чекаат промената – туку самите ја создаваат,“ рече Лимани.
Наградата за младинско учество се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст од 15 до 29 години, кои спровеле иницијатива со општествена вредност, категорија на не-формални групи на млади (најмалку 3 членови), кои здружено реализирале соработнички проекти, и категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.
Добитник на наградата во индивидуална категорија е Калина Чакареска. Во категоријата на не-формални групи на млади добитник е Support Kocani и во третата категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации добитник е Сојуз на извидници на Македонија.
Секоја година Меѓународниот ден на младите- 12 Август се одбележува со промовирање и валоризирање на успесите на младите. Оваа година на добитниците на наградите за младинско учество свечено им беа доделени плакети, а по завршување на изборниот процес ќе следи и реализација на наградата. Јавното онлајн гласање за добитници на наградата за младинско учество започна на 10.07.2025 година, а заврши заклучно со 31.07.2025 година. По официјалното затворање на онлајн гласaњето извршена е детална проверка и анализа на доставените гласови преку платформата SurveyLegend. Анализата опфати проверка на техничките параметри (IP адреса, оперативен систем, прелистувач, уред и уникатен External ID) со цел да се утврди валидноста и уникатноста на гласовите. Ваквата постапка на проверка е воспоставена пракса и во претходните години, со цел да се обезбеди фер и транспарентен избор на добитниците.