Претстојниот разговор меѓу Трамп и Путин во Алјаска е секако главна тема во Украина.
Како експертите и политичарите ги оценуваат последиците од евентуалните договори меѓу Вашингтон и Москва?, пишува Дојче Веле.
„Секоја одлука против нас, сите одлуки без Украина се одлуки против мирот. Со нив нема да постигнат ништо“. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање веднаш по објавувањето на планираната средба меѓу претседателите на САД и Русија – Доналд Трамп и Владимир Путин – во американската сојузна држава Алјаска на 15 август.
Таквиот став преовладува и во украинското општество. Тоа го покажува анкетата спроведена од Киевскиот меѓународен институт за социологија (KIIS) кон крајот на јули и почетокот на август. „Украинците сè уште покажуваат отвореност за преговори и тешки одлуки. Апсолутното мнозинство, меѓутоа, и понатаму ги отфрла барањата за капитулација“, изјави Антон Хрусецки од KIIS во интервју за ДВ.
Според анкетата, 76% од Украинците цврсто го отфрлаат рускиот „мировен план“ и отстапките кон агресорот. Во исто време, 49% се против мировниот план на САД, кој предвидува безбедносни гаранции за Украина од европските земји, но не и од САД, признавање на Крим како дел од Руската Федерација, одржување на руската контрола врз окупираните територии и укинување на санкциите против Русија.
Сомнителна примена на резултатите од преговорите
Во Украина не е исклучена можноста преговорите во Алјаска без учество на Киев и европските претставници всушност да имаат за цел капитулација на Украина.
„Русите никогаш не ја промениле својата преговарачка позиција и нема да ја променат сè додека не претрпат тешки воени и политички порази“, рече Володимир Хорбах од Украинскиот институт за трансформација на Северна Евроазија (INET).
Самиот факт дека Трамп разговара со Путин без претходно да изврши притисок врз Русија, според Хорбах, покажува дека овој пристап е осуден на неуспех.
„Русите ќе инсистираат на својата позиција и ќе сакаат да го заменат прекинот на огнот за фактичка капитулација на Украина, односно за исполнување на руските барања. Зборувањето за отстапки е многу наивно“, нагласи експертот за ДВ.
Истовремено, Хорбах не гледа катастрофа во разговорите меѓу Вашингтон и Москва, но укажува на „алармантна тенденција“ бидејќи Трамп „конечно го легализира рускиот воен злосторник Путин, што не е прифатливо ниту за Украина ниту за Европа“. „Не гледам можност за спроведување на какви било реални, практични резултати од овие преговори во контекст на украинско-руската војна. Предлозите што Путин би можел да ги презентира нема да ја задоволат ниту Украина ниту Европската Унија. Трамп ќе мора да маневрира. Тој нема да може да ги принуди Украина и нејзините европски партнери да ги прифатат условите на Путин“, смета Хорбах.
Директорот на Центарот за социјални истражувања „Украински меридијан“, Дмитро Левус, потсети дека Украина веќе била во слична ситуација во март 2025 година. Тогаш Доналд Трамп верувал дека војната може брзо да се заврши преку преговори со Русија и наметнување мир преку капитулација на Украина. Сепак, реалноста покажа дека е невозможно да се укинат санкциите против Русија, бидејќи повеќето од нив ги воведе Европа, вели овој експерт.
Тој верува дека по оваа средба, САД и Русија повторно ќе мора да се соочат со реалноста, бидејќи украинските вооружени сили ќе продолжат да ја бранат својата земја, а европските партнери на Киев нема да бидат подготвени безусловно да ги прифатат и спроведат договорите меѓу Трамп и Путин. „Ставот на Украина што го објави Зеленски е јасен и точен: предавањето територии е невозможно според Уставот. Затоа не очекувам ништо судбоносно од средбата во Алјаска“,истакна Левус за ДВ.
Скептицизам меѓу украинските политичари
Копретседателката на опозициската партија „Европска солидарност“, Ирина Херашченко го гледа состанокот во Алјаска како тест за целиот меѓународен безбедносен систем. Доколку агресорот Русија биде награден за напад, анексија и воени злосторства, тоа, според политичарката, би бил сигнал до целиот свет дека насилството и одмаздата можат да останат неказнети. Признавањето на руската окупација е црвена линија што не смее да се премине.
„Ова би го отворило патот за нови војни, не само во нашиот регион. Затоа сите преговори треба да се водат со учество на Украина и ЕУ, со строги безбедносни гаранции, меѓународен мониторинг и мерки за санкции“, напиша Херашченко на Телеграм. Сè друго нема да значи крај на војната, туку само почеток на нова.
Данило Хетманцев, пратеник од владејачката партија „Слуга на народот“, има попозитивен став за средбата меѓу Трамп и Путин. Бидејќи ставот на руската страна конечно ќе биде откриен, смета тој.
„Доколку на состанокот повторно има обиди за „дипломатски маневри“ наместо продуктивни преговори, тоа веројатно ќе заврши со воведување на строги американски санкции, вклучително и против руските сојузници, кои потоа ќе мора да го платат својот дел за поддршка на агресијата, што нема да им се допадне“, напиша Хетманцев на Телеграм.
Дали притисокот врз Украина ќе се зголеми?
Истовреме, украинските експерти не ја исклучуваат можноста дека по средбата на Трамп со Путин, САД повторно ќе се обидат да ја уценуваат Украина и да ја принудат да прифати услови што се неприфатливи за Киев.
Олександр Крајев, експерт во тинк-тенкот „Украинска призма“ и предавач на киевската Мохила академија, исто така верува дека Трамп би можел да се закани дека ќе ги прекине испораките на оружје.
„Но, испораките веќе се случуваат спорадично и несистематски. Тоа повеќе нема да биде таква шок-терапија како кога Трамп првпат најави нешто такво“, нагласи Крајив за ДВ.
„Разговор заради разговор“ – ова, според него, ќе биде вистинскиот резултат од средбата во Алјаска, бидејќи во моментов ниту една страна нема вистинска идеја како треба да заврши војната. „Можеби ќе има заедничка изјава за продолжување на разговорите, но тоа е сè“, заклучи Крајив.