Во мало рибарско место на југот на Шведска сосема е вообичаено да се видат луѓе како шетаат во пењоари – без разлика на делот од денот. Претежно туристи, но и Швеѓани во флафасти изданија излегуваат на улиците, пазаруваат во супермаркети или уживаат на сонце.
Тореков, тоа мало крајбрежно место, е познато по својот локален мост (Morgonbryggan – утрински мост), во чиј назив се чувствува популарната традиција на утринско капење во морето. Практично сите жители се ревносни следбеници на тој ритуал – било во друштво, или соло варијанта. За утринското капење на мостот, пењоарот е непишана униформа.
Моргонбриган во Тореков на полуостровот Бјаре летото посебно оживува, кога луѓето доаѓаат на капење, но и за да уживаат во прекрасниот поглед кон теснецот Ересунд и околната природа. Од ова место се гледа островот Халандс Ведеро во далечина, како и отвореното море по кое пловат траектите кон Данска.
Посетителите велат дека таму наоѓаат мир и свое место за опуштање и размислување. На Утринскиот мoст луѓето често доаѓаат за да го набљудуваат изгрејсонцето и да прават фотографии – или само да уживаат во моментот.
Градот Тореков нуди живописни предели на секој чекор, со камени улици и традиционални куќи. Ако го посетите, ќе најдете и неколку пријатни кафулиња, ресторани и мали продавници со рачни изработки. Мирната, рурална атмосфера го прави Тореков совршено место за оние што бараат пауза од градската врева.