Куркумата од скромен зачин стана симбол на здравиот живот – се додава во „златно млеко“, смутија и разни јадења, а полиците со додатоци во исхраната се полни со капсули кои ветуваат противвоспалително дејство и подобра функција на мозокот.
Главната заслуга му припаѓа на куркуминот – главната активна состојка на куркумата – кој, според истражувањата, се поврзува со намалување на воспаленијата, подобра регулација на шеќерот во крвта кај лица со дијабетес тип 2, како и со можни позитивни ефекти врз расположението и меморијата, истакнува нутриционистката Британи Миклс за „Eating Well“.
Но, токму поради овие ветувачки резултати, многумина претеруваат, особено со додатоците во исхраната, што може да предизвика несакани ефекти.
Кога „златниот“ зачин станува проблем
Куркумата може да се консумира како мелен зачин, во прав, во капсули или како концентриран екстракт од куркумин. Додека кулинарските количини се обично безбедни, додатоците во исхраната често содржат неколку пати повеќе куркумин отколку што може да се добие преку храната. Ваквите високи концентрации го зголемуваат ризикот од несакани ефекти, особено кај луѓе кои земаат лекови.
Најчести несакани ефекти од прекумерен внес се:
• Проблеми со варењето: мачнина, дијареја, рефлукс, надуеност и жолтеникава столица (безопасна, но може да изненади).
• Главоболки и вртоглавици: обично благи, но непријатни ако траат подолго.
• Зголемен ризик од крварење: поради природниот ефект на разредување на крвта, особено ризично за лица на антикоагуланси или противвоспалителни лекови.
• Намалување на шеќерот во крвта: може да предизвика хипогликемија кај дијабетичари кои се на инсулин или орална терапија.
• Интеракции со лекови: може да го засили дејството на одредени цитостатици или да ја зголеми концентрацијата на други лекови во крвта доколку се зема со пиперин (екстракт од црн пипер).
• Оптоварување на црниот дроб: во ретки случаи може да предизвика жолтица, темна урина, болка во стомакот и општа слабост.
Колку е премногу?
Иако официјална горна граница на внес не е утврдена, експертите наведуваат дека за повеќето луѓе е безбедно да консумираат од еден до три грама прав од куркума дневно (отприлика ½ до 1½ лажичка) преку храна. Додатоците во исхраната често содржат 500 до 1000 милиграми концентриран куркумин по капсула, што одговара на неколку лажички куркума во однос на активните состојки.
Во клинички испитувања понекогаш се користат дози од четири до осум грама дневно, но тоа се спроведува краткорочно и под строг лекарски надзор – самостојно земање толку високи дози не се препорачува.
Кој треба да биде особено внимателен?
• Бремени и доилки: високите дози додатоци не се препорачуваат.
• Лица на лекови за разредување крв (варфарин, аспирин, ибупрофен).
• Лица со недостаток на железо: куркумата може да ја намали апсорпцијата.
• Дијабетичари на терапија: поради ризик од нагло намалување на шеќерот во крвта.
• Пациенти на хемотерапија: поради можни интеракции со лекови.
Како безбедно да се вклучи куркумата во исхраната?
Најдобро е куркумата да се консумира заедно со друга храна. Додајте ја во варени јадења, супи или печени зеленчуци. Гответе ја со маснотија (маслиново масло, кокосово млеко) и црн пипер за подобра апсорпција. Користете стандарден прав со поголема содржина на куркумин, но без претерување, советуваат од „Eating Well“.
Ако ја земате како додаток, направете го тоа за време на оброк, најдобро со храна што содржи повеќе маснотија – за подобра искористливост и помала иритација на желудникот. Пред да започнете, најдобро е да се консултирате со лекар за безбедноста, особено ако имате хронично заболување или земате терапија.