Позната и како лулка на виното, Грузија е прекрасна земја сместена помеѓу Кавказ и брегот на Црното Море. Таа претставува вистински рај за љубителите на вино, бидејќи најраните докази за производство на овој пијалак, кои се стари околу 8.000 години, биле пронајдени токму таму.
Покрај тоа, најстарите черепи исто така биле пронајдени на територијата на Кавказ, а се работи за пар Зезва и Мзија, стари 1,8 милиони години. Нивните остатоци биле ископани за време на археолошка експедиција во Дманиси и се верува дека претставуваат важна врска помеѓу африканските и европските предци.
Грузија може да се пофали со 12 климатски зони, од суптропска до полупустинска до алпска. Поради сето ова, таа е една од еколошки разновидните земји во светот.
Името на главниот град Тбилиси доаѓа од грузискиот збор за топло, иако климата е суптропска, а во зима може да биде особено ладно. Се верува дека градот го добил своето име поради изворите со топла вода што биле откриени во 5 век.
Сепак, Грузијците поинаку ја нарекуваат својата земја. Тие го користат името Сакарвело и се нарекуваат себеси Картвели, што веројатно потекнува од централниот регион Картли. Постојат неколку теории за тоа како Грузија го добила своето име, дали од Свети Ѓорѓи, светецот-заштитник на земјата, Георгиј – грчкото име за племињата што се занимавале со земјоделство, или од персиско-арапскиот термин Гург, што значи земја на волци.
Тамошниот јазик црпел инспирација од грчките и иранските јазични групи, што резултирало со единствена азбука што денес се состои од 33 букви.
Исто така во Грузија постои и најстара еврејска заедница во светот. Поделени во две групи, грузиските Евреи живееле во оваа земја околу 2.600 години, додека Ашкеназите пристигнале во 19 век.
Она што ја прави Грузија особено интересна дестинација е фактот што нуди безвизен режим за многу земји, како и за нашата.
Но и покрај тоа, една од поранешните советски републики е сè уште меѓу најмалку ценетите европски земји, иако има многу да понуди: од историски знаменитости, преку недопрена природа и лозја, до автентични искуства за патниците кои бараат нешто поинакво.
Национална галерија или куклен театар
Главниот град Тбилиси е совршен спој на модерен и антички шарм. Посетителите уживаат во прошетката по старите улици и разгледувањето на куќите со дрвени балкони. Полн е со убави кафулиња, бутици и антички цркви. Таму можете да ги посетите и сулфурните бањи кои нудат одмор по долгите прошетки. Тие се доста лесно достапни, па можете да изберете помеѓу приватни соби и јавни бањи.
Задолжителна станица за љубителите на уметност во Тбилиси е Националната галерија. Нејзината колекција е многу богата: од европска и руска уметност, средновековни дела, до француски импресионисти и италијанска ренесанса. Посебниот дел го сочинуваат слики од Нико Пиросмани, кои го прикажуваат секојдневниот живот, но и делата на уметниците како Ладо Гудашвили, Давид Какабаџе и Јакоб Николаџе.
Грузиската престолнина е позната по своите трогателните претстави со кукли, а некои од најпознатите се „Есен на мојата пролет“ и „Битката за Сталинград“.
Основач на театарот е Резо Габриаџе, локален сценарист, уметник, режисер и куклар.
Жичарница до Мајката на Грузија и најдлабоката пештера
На туристите им се препорачува да се качат на жичарницата до тврдината Нарикала, од каде што може да се ужива во панорамски поглед на целиот град. Тука е и Мајката на Грузија, алуминиумска статуа на жена со меч во едната рака и чаша вино во другата. Таа е симбол на гостопримството и одбраната на градот.
Од друга страна, за љубителите на пештери, тука е Верјовкина, скриена во планинскиот венец Гагра, е најдлабоката во светот. Достигнува длабочина од 2.212 метри.
Грузија руши многу интересни рекорди, па така позната е и по највисоките населби на планетата – античките села кои биле изградени на височини од 2.100 метри.
Грузија како лулка на виното
Бидејќи Грузија се смета за лулка на виното, истото сè уште се прави на традиционален начин во глинени садови познати како квеври, како што се правело пред неколку илјади години.
Грузискиот начин на правење вино е вклучен во списокот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.