[ФОТО/ВИДЕО] Неверојатна приказна: Капетан на потонат брод преживеал пливајќи 40 часа, по бродоломот во близина на Малезија

Точка

11/08/2025

16:04

463

Големина на фонт

а а а

Капетанот Ахмет Волкан Ата (52), чиј брод потонал кај островот Пулау Џу во Малезија на 29 јули, поради лоши временски услови, рече дека пливал речиси 40 часа борејќи се против морската струја за да преживее, сè додека не бил спасен од рибарски брод.

Додека пловел кон Тајланд, бродот бил зафатен од бура и се превртел, а капетанот на бродот, Ата, ги опишал овие драматични моменти за Анадолија.

По 14 месеци подготовки на северот од Австралија, тие тргнале на 28 април, а по Индонезија и Малезија, планирале од островот Тиоман да продолжат кон Тајланд.

Неговите пријатели Атес Демирорен и Есер Демиркол му се придружија на патувањето.

На кобниот ден, вечерта на 28 јули, тие тргнале од островот Тиоман, а прогнозата покажувала дека ветерот ќе се зголеми од 15-20 на 20-25 јазли. Една ноќ подоцна, во близина на Теренгану, ги погодила ненадејна бура.

„За жал, не можев да го спречам превртувањето на бродот и потонавме. Сè се случи ненадејно и брзо. Немав ни време да се подготвам“, рече Ата.

Опишувајќи како во последен момент се обидел да го активира чамецот за спасување, но бродот брзо потонал, Ата ги сподели своите искуства:

„Последниот пат кога го видов Есер во бродот, тој беше во шок, ме гледаше неподвижно. Иако му кажав дека тонеме, тој не излезе. Се сеќавам дека Атес скокна откако реков „тонеме“. Бродот целосно потона, а и јас почнав да тонам. Тргнав да го откачам чамецот за спасување, но бродот ме влечеше со себе додека тонеше. Потоа и јас скокнав. Последното нешто што го памтам е дека Есер остана внатре и не излезе. Бродот потона многу брзо“.

Без повреди

Тој ги опиша првите часови по ноќното паѓање во морето со зборовите: „,Мислам дека не се здобивме со никакви повреди кога паднавме во водата. Фала му на Бога“. Иако се соочиле со силни струи и бранови, Ата рече дека пливале цела ноќ до утрото.

Тој нагласи дека бурата стивнала по неколку часа, но струјата продолжила. „Пливавме кон таа светлина на небото што можевме да ја видиме“, рече тој.

Ата, исто така, спомена дека повремено гледале светла од рибарски чамци, но било исклучително тешко да се приближат до брегот поради силната струја.


Тој изјави дека во утринските часови забележале патнички брод во близина, но дека тој не ги забележал.

Вечерта дознал дека неговиот пријател Атес успеал да стигне до рибарскиот чамец и да се спаси. „(Атес) некако успеа да преживее по 20-25, можеби 30 часа пливање, со помош на рибари“, рече Ата.

Исто така тој додаде дека самиот се обидувал да плива во различни насоки во текот на два дена, насочувајќи се кон светлата од рибарските чамци, но не успеал да ги достигне. „Струјата беше толку силна што секогаш кога ќе престанев да пливам поради замор, едноставно ме носеше далеку во морето. Немаше никаква струја што би нѐ повлекла кон брегот. Тоа се доминантните струи во таа област. Јас не успеав“, рече тој.

Го спасил рибарски брод

Околу 40 часа по несреќата, попладнето на третиот ден, Ата бил забележан и спасен од рибарски брод што се движел кон Патани, Тајланд. По спасувањето, тој бил префрлен во Теренгану, а потоа во болница од страна на морската полиција.

Во болницата се сретнал со Атес. „Кога пристигнав во болницата, и Атес лежеше таму. Бев среќен што го видов. Немаше вести за Есер“, изјави Ата.

Тој исто така изрази благодарност за неговото преживување, заблагодарувајќи им се на малезиските власти, болницата во Теренгану и турската амбасада во Куала Лумпур, и додаде дека по несреќата, биле приведени во Малезија 14 дена поради истрага.