Патник запалил џоинт во преполн авион, па патниците останале заглавени со часови

Макфакс

11/08/2025

19:12

300

Големина на фонт

а а а

На летот од Сан Франциско за Канкун, во Мексико, минатата недела се случила необична сцена кога еден од патниците запалил џоинт.

Потоа следел потег на пилотот што сите патници добро ќе го запомнат, пренесува The New York Post.

Пилотот на компанијата „United Airlines“ одбил да полета, што предизвикало речиси четиричасовно доцнење.

Во вирална објава на Reddit, еден патник од летот UA1679 напишал дека несреќното патување прво било „одложено поради технички проблеми“, а потоа повторно откако „некој пушел марихуана во тоалетот“.

„Го исфрлија од авионот, а потоа седевме внатре околу 40 минути додека екипажот не одлучи што ќе прави“, напишал патникот. „Екипажот беше загрижен дека можеби биле изложени на чад од марихуана, па сите излеговме надвор и чекавме нов екипаж.“

Пилотот, наводно, бил загрижен дека изложеноста на чад од марихуана може да доведе до тоа да не помине на случаен тест за дрога.

„Имам уште 30 години кариера, не сакам да ризикувам да ме тестираат за дрога кога ќе стигнам во Хјустон“, им рекол капетанот на патниците.

Надежите на патниците за мирно патување буквално „отишле во чад“.

„Во моментот седам на терминалот на аеродромот SFO, нема ни трага од нов екипаж“, напишал авторот на објавата на Reddit.

Првичното полетување било закажано за 8:50, а новото проценето време било 12:30. Патниците добиле ваучер за оброк од 15 долари и ужинка на гејтот.

Експерти за авионски сообраќај оцениле дека реакцијата на пилотот била малку претерна, но целосно разбирлива.

„Веројатноста некој да биде позитивен на тест поради пасивно вдишување марихуана во добро проветрен авион е смешно мала“, напишал Гери Леф, соработник на порталот View From the Wing.

„Сепак, го разбирам ирационалниот страв поради регулативата на FAA за тестирање на дроги и политиката на нулта толеранција на авиокомпаниите, кои казнуваат дури и ненамерна изложеност ако тестот биде позитивен. Практично, било кое детектибилно ниво на метаболити на марихуана во урината се смета за пад на тестот, без разлика на причината“, додал тој.

Леф предупредил дека позитивен тест би можел да ја заврши кариерата на пилотот поради „долготрајна истрага и губење на лиценцата“, а пилотот во таков случај не би можел да очекува заштита од синдикатот без докази за „пасивна изложеност“.

Корисниците на Reddit жестоко го нападнале неодговорниот патник.

„Мислам дека, ако се случи вакво нешто, таа личност треба да биде казнета со тоа што ќе ја плати цената на картата за секој патник“, напишал друг.

„Треба да постои автоматска доживотна забрана за летање на сите авиокомпании“, изјавил трет.

Многумина изразиле разбирање за одлуката на пилотот да не ризикува.